Европската унија (ЕУ) размислува за „мерки“ против Грузија поради „бруталната“ репресија на проевропските демонстрации, изјави денеска портпаролката на европската дипломатија Анита Хипер.
„Постојаното демократско назадување и неодамнешните репресивни мерки што ги користат грузиските власти имаат последици за нашите билатерални односи, ЕУ ќе разгледа дополнителни мерки на следниот Совет за надворешни работи на 16 декември“, рече портпаролката.
Брисел „жали за тие репресивни акции против демонстрантите, претставниците на медиумите и лидерите на опозицијата и повикува на итно ослободување на сите приведени“, рече Анита Хипер.
„Сите наводи за тортура и малтретирање мора да бидат предмет на веродостојна истрага“, додаде таа.
Неколку илјади проевропски Грузијци се собраа пред парламентот во Тбилиси во понеделникот на 12-та ноќ по ред на демонстрации против владата, која е обвинета за напуштање на европските амбиции на земјата и за проруско авторитарно однесување.