Европската унија денеска го поздрави чекорот на претседателот Хакаинде Хичилема за укинување на смртната казна во Замбија.
„Ова достигнување испраќа силен сигнал до земјите во регионот и ширум светот, придонесувајќи за постепено укинување на смртната казна во Африка и пошироко. Смртната казна е сурова, нечовечка и понижувачка казна. Европската унија силно се спротивставува на смртта казна во сите околности и ќе продолжи да работи на нејзино укинување низ целиот свет“, се вели во реакцијата на Унијата.
Европската унија го поздравува и укинувањето на кривичното дело клевета на претседателот, што за ЕУ е јасен сигнал за ангажманот на Замбија на патот кон консолидација на демократијата и заштита на човековите права во земјата.
Замбија има мораториум на смртната казна од последното извршување во 1997 година, а предлог-законот за измена на Кривичниот законик доби согласност од претседателот, со што се укинуваат сите одредби од Кривичниот законик со кои се наложува смртна казна.