Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани престојува во Белград каде се состанува со државниот врв, претставници на цивилниот сектор, а отворил и форум Србија – ЕУ – 2018.
Во интервју за телевизијата „N1“ вели дека ЕУ од Србија очекува правно обврзувачки споразум со Приштина, но дека никој не споменува признавање на независноста.
Правно обврзувачкиот споразум Белград – Приштина мора да биде постигнат пред 2023. година, вели Тајани и објаснува дека таков договор би требало да воспостави добри односи и да допринесе за стабилноста во регионот.
На прашање дали тој споразум би можел да биде интерпретиран како признавање на независноста на Косово, Тајани одговорил одречно.
– Не, не, не. Ние сакаме правен споразум. Признавањето не е нешто со што се занимаваме, тоа е работа на државите членки. Тоа не е во наша надлежност. Имате земји кои се за и кои се против. Ние треба да се потрудиме тој дијалог да биде добар и да дојде до споразум, објаснил тој.