Продолжуваат градежно-монтажните работи во рамки на реконструкцијата на Спортската сала во Куманово, каде во тек е поставување на нов систем за греење, ладење и вентилација кој треба значително да ги подобри условите за одржување на спортски натпревари, тренинзи и други настани.

Градоначалникот Максим Димитриевски информираше дека во моментов се реализираат активности за целосна модернизација на термо-техничкиот систем во објектот.
„Во тек се интензивни градежно-монтажни работи за целосна модернизација на системот за греење и вентилација во Спортската сала во Куманово“, соопшти Димитриевски.

Според него, проектот предвидува инсталација на нова машинска котлара, современ систем за вентилација, вентилациони комори, каналска мрежа и комплетна машинска опрема.
„Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се обезбеди енергетски поефикасно затоплување, подобра циркулација и квалитет на воздухот, како и поголем комфор за спортистите, спортските клубови и посетителите“, наведува градоначалникот.

Проектот претставува дел од пошироката реконструкција на Спортската сала, која во изминатиот период се реализираше во повеќе фази.

Во април годинава започна поставувањето на новиот систем за греење, ладење и вентилација, инвестиција вредна 52,8 милиони денари обезбедени преку вториот владин повик за поддршка на инфраструктурни проекти.

Се реализира и партерното уредување на просторот околу спортскиот објект, а од Општина Куманово најавија дека реконструкцијата ќе продолжи до целосно заокружување на сите предвидени фази.

Од локалната самоуправа посочуваат дека инвестициите во спортската инфраструктура остануваат еден од приоритетите, со цел создавање современи услови за работа на спортските клубови и развој на спортот во Куманово.






Никола Ивнаовски

