Дваесет и пет лица беа уапсени во рации низ Германија под сомнение дека подготвувале државен удар.
Како што јави Би-Би-Си, германските медиуми пишуваат дека екстремни десничари и поранешни припадници на војската планирале да упаднат во парламентот и да ја преземат власта.
Германецот, наречен принцот Хајнрих XIII (71), е идентификуван како мозокот на операцијата.
Меѓу уапсените има и членови на екстремистичкото движење „Граѓаните на Рајхот“ (Рајхсбургер), кои извесно време се на полицискиот радар поради насилни испади и расистички теории на заговор.
Членовите на тоа движење исто така одбиваат да ја признаат современата германска држава.
Според извештаите, околу 50 лица се обвинети дека се членови на група која планирала да ја укине републиката и да ја замени со нов државен систем, по моделот на Германија во 1871 година.
Во поголемиот дел од земјата беа организирани рации, а во Австрија и Италија беа уапсени две лица.
Министерот за правда Марко Бушман на Твитер објави дека е во тек голема антитерористичка операција и дека постои сомневање дека се планира вооружен напад врз државните власти.
Се наведува дека во планираниот заговор учествувале поранешни припадници на армијата, вклучително и поранешни припадници на елитните специјални единици.