Двојниот убиец од Куманово со години ги малтретирал жртвите

Сподели со своите пријатели

Двојниот убиец од Куманово, четириест и шестгодишниот Д.Ј. кој вчера ги уби својата сопруга и нејзината мајка, во повеќе наврати бил пријавуван за семејно насилство.

Loading...

Бил и осудуван за повредите што претходно им ги нанел на сега убиените мајка и ќерка.

Кумановски Муабети денеска побара информации од повеќе институции, а нивните одговори откриваат дека убиецот ги малтретирал жртвите со години наназад.

Пет кривични пријави за семејно насилство

Убиецот кој и самиот си го одзеде животот скокајќи низ прозорец, имал дури пет кривични пријави што Секторот за внатрешни работи му ги поднел во изминатите десет години.

– Во периодот од 2013 до 2023 година од страна на СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово има поднесено пет кривични пријави против Д.Ј. по член 130 ст. 2 од КЗ на РСМ, сите извршени врз лицето Е.А., велат од кумановската полиција.

Институциите се обиделе да ѝ помогнат на жртвата

Вонбрачната заедница меѓу убиецот и жртвата траела долг временски период, а долго траело и насилството.

Центарот за социјална работа Куманово првата пријава ја добива во 2020 година дека вонбрачната партнерка на Д.Ј. добила телесна повреда по физичкиот напад што го претрпела.

Тука за прв пат Центарот обавил разговор со четириестгодишната жртва која рекла дека односите им биле подобрени и дека не сакала да се преземат никакви мерки против него.

Loading...

Според Министерството за труд и социјална политика, веќе следната година, полицијата доставила информација до Центарот дека Е. А. Ј. повторно била претепана при што имала телесни повреди.

Но, жртвата и по втор пат не дала согласност Центарот за социјална работа да поднесе предлог мерки до Основниот суд за да ја заштити.

Убиецот имал забрана за контакти и доближување

Само два месеци по втората пријава, жртвата се јавила во Центарот за социјална работа во Куманово. Пријавила семејно насилство и известила дека одлучила да стави крај на вонбрачната заедница.

Животот одлучила да го продолжи сама со својата мајка во нејзиниот стан каде ги зела и двете малолетни деца.

Насилникот првично бил задржан во полиција, а потоа не се вратил во нивниот дом.

Уште истиот ден ЦСР побарал од Основен суд Куманово да донесе мерка за заштита од семејно насилство.

Судот донел одлука со која на Д.Ј. му забранува да се заканува дека ќе стори семејно насилство.

Добил забрана да ја малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин директно или индиректно комуницира со жртвата.

Loading...

Добил и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето каде што престојува жртвата, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува жртвата.

Привремената мерка била изречена во траење од 6 месеци.

– ЦСР во повеќе наврати има разговарано со жртвата која изјавува дека мерките се почитуваат, тие не живеат заедно, а комуницираат само на родителско ниво. Воден разговор и со двете деца кои остваруваат комуникација со нивниот татко, направени скали на проценка и добиено мислење од страна на стручна служба од основното училиште каде двете деца учат, како и направен увид во домот на семејството, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Оттогаш немало пријави за семејно насилство, се додека насилникот вчера не ги убил двете жени во нивниот стан, а потоа си го одзеде животот.

Д.Ј. имал условна пресуда за претепување на жените

Кумановски Муабети одлучи да ги пребара имињата на жртвите и насилникот на судскиот портал каде Основен суд Куманово ги објавува своите пресуди.

Добивме позитивни резултати. Насилникот бил осуден на 13 јануари 2014 година за претепување на својата вонбрачна сопруга и нејзината мајка.

Причината за претепување била банална – лошо го научила детето да зборува.

– На 18.09.2013 година околу 23.00 часот во семејниот стан во Куманово, при вршење семејно насилство телесно ги повредил оштетените неговата вонбрачна сопруга Е. А. и оштетената П. А. -мајка на Е. А. која живее во семејна заедница, на начин што по предходна вербална расправија со оштетената, поради тоа што истата лошо го научила да зборува нивното дело. Физички ја нападнал оштетената удирајќи ја со клоци и тупаници во пределот на главата и телото, а потоа и оштетената П. А. физички ја нападнал влечејќи ја за коса и после ја удрил со тупаници во пределот на грбот, при што оштетените се здобиле со телесни повреди по телото и главата, стои во одлуката на судот.

Loading...

Предметот го водел судијата Јусуф Ајрухали, а Д.Ј. бил прогласен за виновен и осуден само на условна затворска казна од три месеци.

– Утврдената казна затвор во траење од 3 (три) месеци према обвинетиот Д. Ј., нема да се изврши, доколку обвинетиот за време од 1 – ЕДНА ГОДИНА не стори ново кривично дело, стои во објавената пресуда.

Насилството заврши трагично

Долгогодишното насилство вчера зави во црно две семејства и го шокираше Куманово. Две малолетни деца останаа без своите родители и баба.

Убиецот додека го извршувал делото, според кажување на соседите, го заклучил помалото, осумгодишно дете во соседната соба.

Неговите крици за помош дури утредента ги вознемириле соседите кои одлучиле да повикаат полиција. Кога таа дошла, убиецот скокнал преку прозорец, а од здобиените повреди починал во болница.

Детето е згрижено од роднина

Полицијата вчера веднаш го алармирала Центарот за социјални работи, а со осумгодишното дете разговор извршил психијатар.

Loading...

Истото е неповредено и грижата за него во овој момент го презела негова блиска роднина.

Поголемото дете, 13-годишно момче е надвор од државата и според МТСП, службите не успеале да стапат во контакт со него.

Од ЦСР велат дека ќе се преземат сите потребни мерки и механизми да им се пружи помош на двете деца.

Никола Ивановски