Две лица загинаа кога мал авион се урна во хангар на аеродром во Австралија, а потоа се запали.
Несреќата се случи вчера попладне по локално време на аеродромот Парафилд во Аделаида, потврдија властите, пишува Би-Би-Си.
Според ABC News, станува збор за авион со двоен мотор Diamond DA42, кој според производителот може да прими до четири лица.
Локалните медиуми јавуваат дека уште неколку лица се повредени, но нивниот точен број сè уште не е познат.
Австралиското биро за безбедност во сообраќајот започна истрага за причината за падот.
„Областа околу местото на несреќата е евакуирана додека интервенцијата на службите за итни случаи продолжува“, објави полицијата на Јужна Австралија.
Во соопштение објавено на социјалните мрежи на аеродромот Парафилд, се наведува дека се случил „сериозен инцидент“ и дека аеродромот „им дава целосна поддршка на службите за итни случаи во нивната интервенција“.
Премиерот на Јужна Австралија, Питер Малинаускас, изрази сочувство на социјалните медиуми.
„Моите мисли се со семејствата и најблиските на починатите и со сите погодени од овој катастрофален настан“, напиша тој.
„Пожарот во хангарот е изгаснат, а аеродромот е затворен. Службите за итни случаи остануваат на терен и продолжуваат да ја извршуваат својата работа професионално и итно“, додаде тој.

