Уписот на првачињата во основните училишта во Куманово се одвива непречено и досега се запишани 863 ученици, покажуваат податоците со кои располага Општина Куманово.
Според Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование при Општина Куманово, уписите започнале навреме и сѐ уште траат во сите општински основни училишта.
– Уписите се започнати навремено во месец мај и сѐ уште се во тек во сите општински основни училишта, со навремено и уредно доставен список за реонски обврзници од страна на МВР преку Секторот за образование. Уписот е во тек, како што реков, и не е завршен, изјави Јовановиќ.
Тој посочи дека според првиот пресек направен на 1 јуни, во 16-те општински основни училишта со редовна настава се запишани вкупно 863 ученици.
– Направен е прв пресек на 1 јуни и од вкупно 16 општински основни училишта со редовна настава досега се имаат запишано 863 ученици, или 772 во централна училишна зграда и 91 во подрачни училишта на ниво на Општина Куманово, рече Јовановиќ.
Споредбата со истиот период минатата година покажува речиси идентична состојба.
– Доколку ја споредиме бројката со изминатата учебна година, исто во месец јуни тогаш се имаат запишано 860 ученици, што значи идентична е бројката, додека на стартот на учебната 2025/2026 година беа запишани 904 ученици, изјави тој.

Јовановиќ очекува бројот на запишани ученици дополнително да се зголеми во текот на летото.
– Сметам дека ќе се достигне таа бројка затоа што имаме со години наназад појава поединечни родители, чии ученици се заминати на привремена работа или сезонска работа, да ги запишуваат учениците при крајот на месец август или почеток на месец септември, бидејќи согласно Законот за основно образование задолжителен е уписот на ученици во основно образование“, рече Јовановиќ.
Дополнително, дел од родителите го одложиле уписот поради промена на адресата на живеење.
– Директорите известија и дека родителите пријавиле дека во тек е промена на адреса на живеење, со тоа го менуваат и реонот на живеење и го одложиле уписот, што значи ќе има дополнителен упис и очекуваме дека конечната бројка ќе ја знаеме некаде на почетокот на месец септември, изјави Јовановиќ.
Тој посочи дека врз бројот на запишани првачиња влијаат и пошироки демографски процеси.
– Она што можеме да го констатираме, како и секаде низ Република Македонија, е падот на наталитетот, миграцискиот процес од руралните средини кон градското подрачје, дополнително и емиграцискиот процес, односно веќе деценискиот проблем со емиграција на населението од државата кон западно развиените европски земји. Сето тоа придонесува да се намали уписот на учениците во прво одделение, изјави Јовановиќ.
Тој додаде дека уписите продолжуваат и дека конечните податоци за бројот на првачиња ќе бидат познати во септември.
Никола Ивановски

