Доналд Трамп и противниците се соочуваат во Ајова

Сподели со своите пријатели

Доналд Трамп и неговите републикански ривали се обидуваат во понеделник во последните моменти да ја добијат поддршката од гласачите во Ајова, сојузната држава каде што почнуваат прелиминарни избори на партијата за претседателски кандидат за ноемвриските избори.

Loading...

Кандидатите ги одржуваат своите последни настани, но нивните планови ги наруши екстремниот студ кој ја зафати таа сојузна држава во центарот на САД, пишува Би-Би-Си.

Републиканските гласачи ќе излезат во понеделник навечер на повеќе од 1.500 локации низ Ајова за да ја покажат својата поддршка за своите кандидати.

Сите ги поканија да дојдат и покрај екстремниот студ – се проценува дека температурите ќе паднат до 30 степени под нулата.

Републиканската трка потоа се движи од држава во држава додека не се утврди кандидатот кој најверојатно ќе го предизвика актуелниот демократски претседател Џо Бајден на ноемвриските избори.

Не е сигурно дека кој и да победи во Ајова на крајот ќе стане републикански кандидат. Последен кој успеа во тоа беше Џорџ Буш во 2000 година.

Трамп во неделата одржа митинг во Индијанола, повикувајќи ги своите гласачи да излезат на гласање.

„Заедно создаваме историја, но вие мора да се појавите“, им рекол тој, пренесува Би-Би-Си.

Loading...

„Резултатот во оваа сојузна држава ќе испрати порака до целата земја и, всушност, до целиот свет“, нагласи 77-годишниот поранешен претседател.

Во Ајова, тој сака да освои огромно мнозинство што ќе им нанесе удар на надежите на другите кандидати.

„Сакаме да собориме рекорди“, рече тој во петокот.

Анкетата објавена во саботата вечерта покажува дека Трамп има речиси 30 процентни поени предност пред Ники Хејли, поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации за време на неговиот мандат.

Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис падна на третото место, и е под притисок да се откаже од трката доколку не се покаже добро во Ајова.