Мохамед Закут, директорот на болницата во Газа, изјави за Асошиетед прес откако израелските сили упаднаа во болницата Ал-Шифа, дека пациентите во таа институција се „преплашени“ и дека ситуацијата е „застрашувачка“.
Закут во телефонска изјава рече дека војниците влегле во зградите, вклучително и во итни и хируршки одделенија, во кои се сместени единиците за интензивна нега.
Не беше јасно дали зборуваше од внатрешноста на комплексот.
„Окупациските сили упаднаа во зградите“, налутено рече тој преку телефон, додавајќи дека пациентите, меѓу кои и децата, биле преплашени.
„Тие врескаат. Тоа е многу страшна ситуација… не можеме да направиме ништо за пациентите освен да се молиме“, рече Заќут.
Израелската армија соопшти дека спроведува „прецизна и насочена операција против Хамас во одредена област во болницата Шифа“ и дека војниците биле придружувани од медицински тимови и донеле медицински материјали и храна за бебиња, како и инкубатори и друга опрема.
Израел тврди дека Хамас одржува команден центар внатре и под Ал-Шифа, но не обезбеди визуелен доказ за тоа, додека Хамас и болничкиот персонал постојано ги негираа наводите.
Неколку часа пред нападот, САД соопштија дека имаат свои разузнавачки информации кои сугерираат дека Хамас ги користи Ал-Шифа и другите болници – и тунелите под нив – за поддршка на воените операции и за држење заложници.
Две и пол недели по испраќањето тенкови и копнени трупи во северниот дел на Газа, израелските сили презедоа контрола и врз неколку клучни згради и населби во центарот на Газа, пренесува АП.