Димитриевски: ЗНАМ ќе излезе уште посилно од владината реконструкција (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

ЗНАМ ќе задржи две министерски позиции во Владата и по завршувањето на разговорите ќе излезе „уште појака, уште пообединета и ќе преземе уште поголема одговорност во менаџирањето на процесите во државата“, порача претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, од втората панел-дискусија „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, што денеска се одржа во Куманово.

Тој најави и дека конечната распределба на ресорите ќе биде позната во вторник.

 

 

Куманово денеска беше домаќин на втората панел-дискусија од караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, кој Движењето ЗНАМ го започна викендов како дел од серијата регионални трибини и отчетни средби со граѓаните низ државата.

Димитриевски истакна дека не е случајно што вториот настан се одржува токму во Куманово.

– Денеска сме тука во Куманово, точно на местото од каде што тргна иницијативата за формирање на Движењето. Целта е да слушнеме позитивни и негативни критики, да брифираме пред граѓаните во делот на нашето учество во изминатите две години во Владата. Дел од нашите министри ќе дадат свои излагања и секако она што е најбитно е да ги слушнеме конкретните предлози од нашите членови, симпатизери, поддржувачи и сите граѓани на Македонија, изјави тој.

 

 

Тој најави дека веќе следната недела караванот ќе продолжи во Штип и Битола и ќе биде активен во текот на целиот летен период.

– Најавувам едно работно лето за партијата. Верувам дека сите овие наши активности ќе помогнат и ќе придонесат Македонија конечно да тргне напред во процесот на евроинтеграција, а притоа да се испочитува она што значи историја, континуитет, јазик, сопствена држава и достоинство, рече Димитриевски.

 

 

Одговарајќи на прашање за средбите со граѓаните, тој оцени дека интересот е голем и дека тие ќе бидат значајни за креирањето на идните политики на партијата.

– Организираме мали средби, со оглед на нашите услови со коишто располагаме логистички. Присуствуваат голем број лица коишто се директно заинтересирани во делот на креирање на идните програми на партијата, бидејќи партијата во следните две години треба да ја добие својата идеолошка линија и да се приклучи на некоја од меѓународните асоцијации. Веднаш по овој караван ќе разговараме и за можностите за организација на еден конгрес на којшто тоа ќе биде дефинирано, рече тој.

 

 

Димитриевски додаде дека е задоволен од досегашните трибини и од презентациите на функционерите на ЗНАМ.

– Задоволен сум како претседател на партијата, особено од тимот којшто ги презентираше сите нивни активности во изминатите две години и тоа ќе продолжиме да го правиме, бидејќи мораме да бидеме во контакт со граѓаните, првенствено со членството и симпатизерите, за да од нив го добиеме конкретното мислење како е на терен и како обичниот граѓанин се чувствува, изјави тој.

 

 

Во однос на владината реконструкција, лидерот на ЗНАМ рече дека е во постојана комуникација со мандатарот Христијан Мицкоски.

– Јас сум во континуирана комуникација со мандатарот Мицкоски. Секој момент има нови согледувања, нови предлози. Што се однесува до составувањето на Владата, мандатарот ја има најголемата одговорност, а ние како владини партнери ќе ги усогласиме нашите предлози и ставови во рамките на претходниот политички договор, рече Димитриевски.

 

 

Тој најави дека конечната распределба на ресорите ќе биде позната во вторник.

– Јас вчера кажав и денеска повторно ќе повторам најодговорно дека вторник ќе биде конечниот ден кога ќе бидат соопштени сите ресори, која политичка партија од власта каде ќе биде распределена. Покрај премиерот, директно учество имаат и владините партнери, тоа се ВЛЕН и ние како ЗНАМ, изјави Димитриевски.

 

 

Во однос на разговорите за владината реконструкција, тој рече дека ЗНАМ ќе остане со две министерства и очекува да има уште поголема улога во Владата.

– ЗНАМ ќе задржи две министерства и после овие преговори ќе излезе уште појаки во делот на јавноста и ќе преземе уште поголема одговорност во делот на менаџирање на процесите во државата, сѐ со единствена цел граѓаните да добијат поубави услови за живот во Македонија и да се отворат нови перспективи за Македонија и влезот во Европската Унија. Не се дефинирани ресорите, но ЗНАМ ќе излезе од овие преговори уште појаки, уште пообединети. ЗНАМ во блиска иднина ќе стане еден од главните водечки политички фактори во државата, а тие коишто нѐ негираат всушност само потврдуваат дека сме реалност и постоиме, изјави Димитриевски.

 

 

На прашање за критиките од СДСМ, тој упати остри политички пораки кон раководството на опозициската партија.

– Тоа раководство на таа некогаш државотворна партија, којашто денеска е сведена на ниво на ликвидација, сопствените грешки секогаш ги бара во туѓите редови. Колку тоа ЗНАМ се распаѓа најдобро гледате вие медиумите на овие средби што ги остваруваме со граѓаните, каде што салите ни се премали за да ги примат заинтересираните луѓе. Тоа е едно друштво во стечај кое што е координирано од Струмица, а ликвидаторот е Венко Филипче“, рече Димитриевски.

 

 

 

 

 

Никола Ивановски