Дел од кумановските села од вторник се без струја. Паднати над 100 електрични столбови (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Дел од селата во Општина Куманово и четврти ден по силното невреме се без електрична енергија поради над 100 паднати столбови од електродистрибутивната мрежа.

Најкритична останува состојбата во селото Клечовце, каде што паднати тополи ја оштетиле мрежата, а екипите на ЕВН, ЈП „Чистота и зеленило“ и Национални шуми продолжуваат со расчистување на теренот.

Поради состојбата денеска повторно заседаваше Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, рече дека невремето предизвикало огромни материјални штети, а најголем дел од нив се на електродистрибутивната мрежа.

– Од ЕВН којшто има најголема претрпено штета покрај граѓаните не брифираа дека имале над 100 паднати столбови за пренос на електрична енергија, дел во селските средини дел во реонот надвор од град Куманово меѓутоа и на територијата на Општина Старо Нагоричане. Имавме и над 400 пријави за дефекти на нивната електрична мрежа. Од нив 342 пријави се решени, значи воспоставена е електрична енергија, стабилизирано е снабдувањето во градот и се оди полека на расчистување и стабилизација со снабдување со електрична енергија во приградските и селските средини. Најкритично е во деловите на село Клечовце каде што има оштетување на мрежата од страна на паднати тополи, изјави Сларидис Јаневска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановка измамена за 9.000 евра: Кавадарчанец ѝ ветувал странски пасош

 

 

Таа истакна дека Општината ќе упати апел до месните заедници активно да се вклучат во расчистувањето на паднатите дрвја во селските средини, бидејќи ЈП „Чистота и зеленило“ нема надлежност да интервенира таму.

– Општина Куманово ќе упати апел преку своите служби до месните заедници, бидејќи во селските средини Јавното претпријатие не може да постапува на отстранување на тополи. Ќе упатиме апел до месните заедници активно да се вклучат со своја помош и механизација и да помогнат сите заедно за санирање на овие штети што се настанати од невремето, кое беше со размери на ураган. Значи, 134 километри на час беше брзината на ветерот што го погоди Куманово и околните села, додаде таа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Двајца приведени откако нападнале 57-годишен кумановец

 

 

Според директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, опасност за граѓаните во моментов нема, но расчистувањето ќе трае најмалку уште десетина дена.

– Сè уште имаме паднати и легнати дрвја кои не претставуваат опасност за граѓаните. Работиме секојдневно, дел по дел, реон по реон, најфреквентните места да ги средиме. Ќе ни треба уште едно десетина дена за да ги расчистиме сите дрвја што се паднати на јавните површини. Нема простор за паника, состојбата е под контрола, службите функционираат и сите дрвја што се легнати во парковите, на кејот и на јавните површини ќе бидат отстранети.“

 

 

Тој појасни дека претпријатието нема механизација за интервенции во селските средини, каде што се потребни специјализирани екипи за отстранување на големите тополи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Викенд прогноза за Куманово: Денеска посвежо и со услови за нестабилност

Директорката на Национални шуми – подружница Куманово, Катица Станковска Ристовска, изјави дека најголемиот број пријави се однесуваат токму на паднати тополи во селата на Куманово и Старо Нагоричане.

– До нас стигнаа голем број пријави за паднати тополи во руралните средини. Нашите екипи се излезени на терен, меѓутоа ситуацијата е доста алармантна. Првично настапуваме со отклонување на тополи кои се паднати на патиштата за да ги расчистиме патиштата, а потоа ќе пристапиме кон отклонување на паднатите дрвја во нивите. За жал, не располагаме со доволно ресурси, но голема благодарност до нашите кооперанти кои работат со Национални шуми и кои се доста стручни и оспособени за вакви специфични сечи, изјави таа.

 

 

Таа ги повика граѓаните од руралните средини да ги пријавуваат паднатите дрвја во подружницата на Национални шуми, посочувајќи дека интервенциите се вршат во координација со ЕВН поради големиот број дрвја што паднале врз електричната мрежа.

Никола Ивановски