Димитриевски: Акцискиот план на Георгиевски е срамен и понижувачки за Македонија

Сподели со своите пријатели

„Акцискиот план кој што вечерва го предложи поранешниот Премиер Љупчо Георгиевски е срамен и понижувачки за Македонија и македонскиот народ“, вели кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски по однос на објавата на експремиерот.

Loading...

– Овие ставови директно ги разнебитуваат нашите Македонски корени, ги поткопуваат столбовите на постоењето на Македонската држава, историја, јазик, идентитет и култура со конечна цел декодифицирање на македонизмот. Доколку кај поранешниот премиер постои малку доблест и свест под итно треба да го врати Македонското државјанство и да се извини на целиот Македонски народ, напиша Димитриевски на фејсбук.

Кумановскиот градоначалник го повикува јавното обвинителство екс официо да отвори случај, спроведе истрага и доколку утвртди одговорност за ваквиот предлог кој е, како што вели, противуставен да поднесе кривична пријава за дело против државата и поткопување и уривање на уставниот поредок.

– Јас сум еден од многуте граѓани во државата кој секогаш и секаде бескомпромисно ќе се спротивстави на ваквите утопистички ставови. Во оваа прилика ќе потсетам на зборовите на Гоце Делчев: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот“, напиша Димитриевски.

Инаку поранешниот премиер Георгиевски на социјалните мрежи објави статус во кој нуди решение на проблемот со Бугарија, преку пет точки, кои можете да ги прочитате во продолжение:

1. Северна Македонија да даде гаранција дека нема никакава аспирација за Источна Македонија. И во поимот Северна Македонија не влегува Источна Македонија. Погледнато од Скопје, Пиринска Македонија секогаш била Источна.

2. Северна Македонија да даде гаранција (најверојатно тоа ќе биде шести пат, три пати во контекст на Грција и трет пат специјално за Бугарија) дека како држава со ништо нема да ги помага и поддржува организациите кои бараат македонско малцинство во соседна Бугарија.

3. Бугарскиот парламент да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 и дека Бугарија со ништо не ги прифаќа тезите за кои смета дека се фалсификат и ја поддржува бугарската историографија во одбрана на својата вистина. (Оваа теза во Бугарија можеби ќе биде прифатена како политичка игра тоа не е така, само ја нудам српската стратегија како тие ги решаваат нивните проблеми. Имено Србија го има истиот проблем со хрватскиот јазик, со босансакта и црногорската нација и јазик па дури и со македонската нација и јазик. Но Србија политички ги има признаено сите четири нации и јазици дури и на својата територија. И хрватскиот и црногорскиот и босанскиот и македонскиот се службени јазици во повеќе српски општини. Ама српската наука историографија, лингвистика не го признава тој факт и секојдневно се бори со аргументи. Истата приказна е и со Македонија. Политиката максимално ја дава поддршката за македонска нација и јазик ама секоја година се печатат книги за Македонија како стара Србија, како ја ослободиле Македонија во балканските војни. Книги за српски манастири и цркви од време на Средновековието, а изгледа ги има доста. Да не спомнувам пак дека за српската црква ние сме тотално Срби а и изгледа дека БПЦ ги поткрепува во таа намера).

Loading...

4. Заедничката историска комисија да ја измени малку стратегијата:

– Да се објават сите пет веќе потврдени личности плус Делчев како општ, заеднички без многу детали. И плус Григор Прличев за кого прво се согласиле па бугарската страна се повлекла.

– Да се утврдат уште десет или петнаесет настани кои се општи без многу големи тектови и објаснение и да почнат да слават заедно. Може и сто и петнаесет ама тогаш политичарите само од прослава на прослава треба да одат.

– Македонската страна да се задолжи во сите историски книги независно од државен или приватен издавач точно да го дава преводот посебно каде писателите пишувале Македоци или Бугари. Секој фалсификат да биде финансиски санкциониран.

– Македонската историографија да ги корегира и да ги даде вистинските имиња на институциите, на пример Народна федеративна партија?

– Македонската историографија да ги пополни важните биографски моменти на важните личности. На пример, фактот дека Гоце ,Даме, Ѓорче и стотици други биле учители на бугарската егзархија не е мала работа која ја криеме.

– И конечно имам и предлог со кој може да го затвориме и проблемот со јазикот. Македонската страна да признае дека целата македонска преродаба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот но врз база на македонските дијалекти. Но бугарската интелигенција поради кратковидост кодифицирале јазик само врз база на северозападните дијалекти со што го отвориле патот на македонскиот јазичен сепаратизам а на српските лингвисти основа дека и шопските говори во Бугарија се српски јазик. Дека официјално писмо и јазик на сите македонски организации во османлискиот период бил бугарскиот јазик и писмо – што се лесно проверливи факти. А бугарската страна да прифати дека тоа е добар приод да се затвори јазичното прашање.

5. Инфраструктурните прашања. Македонската страна да ја даде под концесија железничката пруга на бугарските железници со пресметан екстра профит да ја доградат. Бугарската страна да ги изгради патиштата за граничните премини Клепало кој дваесет години има и пат и гранична зграда. И преминот Црна Скала меѓу Делчево и Ќустендил каде патот беше изграден, но веќе и руиниран.

Loading...

Македонската страна како поклон на Бугарија да ѝ изгради втора лента на преминот Делчево – Благоевград каде на секој празник луѓето чекаат со саати.

Leave a Reply