На денешото рочиште од судењето за настаните од Диво Насеље денес пред судскиот совет, искази дадоа тројца сведоци предложени од одбраната, пренесува новинаската агенија МЕТА.
Двајца од нив биле ќерката и сопругата на обвинетиот Фадиљ Фејзулаи, кој, според обвинителниот акт, им ја издал куќата на членовите на вооружената група.
Ќерката, Артизана Фејзулаи, на прашања од обвинителите, изјавила дека утрото на 9 мај, околу 5 часот, полицијата дошла пред нивната куќа на Романовски пат и почнала да пука. Според нејзиното сведочење, полицајците ја скршиле вратата и влегле внатре.
– Во пет часот бевме опколени целата фамилија и не знаевме што се случува. Имаше многу малтретирање и тепање и искршени врати. Не знаевме зошто дојде полицијата. Го бараа татко ми, но не го најдоа – рече Артизана Фејзулаи.
На прашање на обвинителот зошто не го нашле, таа одговори дека имал друштво и одел во кафеани и дека татко ѝ не кажувал каде оди.
Таа рече дека пред четири години живееле во Диво Насеље, а потоа се преселиле и живеат на Романовски пат.
Нејзината мајка, Фикрие Фејзулаи, изјавила дека полицајците, кога влегле во куќата, барале злато и дрога.
Сите сведоци како што пренесува МЕТА, изјавиле дека пред 9 мај не забележале ништо невообичаено и сè било нормално и мирно.
Иако беа предвидени четири сведоци, едниот не сведочеше бидејќи обвинителството, но и адвокатите на одбраната проценија дека не е во можност да даде исказ поради здравствената состојба.
Денеска новинарите што го следат судскиот процес, рочиштето го проследија на телевизор во библиотеката на Основниот суд Скопје 1.
Извор: МЕТА