Курбан Бајрам е голем исламски празник кој трае седум дена (10-13 зулхиџет, односно дванаесеттиот месец според арапскиот календар) и се нарекува празник на жртвата, затоа што тогаш се принесува жртва – курбан, обично овни и ден кога побогатите им помагаат на оние кои се посиромашни.
На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – намаз, со која верниците бараат милост од Алах.
Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност за тоа. Оние кои принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините.
На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да се поклонат на Светата Ќаба во Мека.
Курбан Бајрам секогаш се паѓа во ист ден според исламскиот календар, но според грегоријанскиот календар датумот е различен од година во година бидејќи исламскиот каледнар е месечев календар, додека грегоријанскиот каледнар е сончев календар. Месечевиот календар е приближно 11 дена пократок од сончевиот календар.
Секоја година, Курбан Бајрам (како и другите исламски празници) се празнува на една од две различни грегоријански дати во различни делови од светот.