Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност празник посветен на раѓањето на Свети Јован Крстител.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот.
Во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите токму на св. Јован му паднале кумството и побратимството.
Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.