Екипата на Манчестер Сити доби нов тежок удар откако стана јасно дека плејмејкерот Кевин Де Бруин нема да му биде на располагање на Пеп Гвардиола во следните неколку натпревари. Белгиецот се повреди за време на натпревар на својата татковина за време на паузата за натпревари на репрезентациите и ќе го пропушти утрешното дерби против Арсенал во Премиер лигата.
Ова значи дека играчот за врска е надвор од мечот на „граѓаните“ и во Лигата на шампионите против Порто во среда. Де Бруин го напушти белгискиот табор претходно оваа недела.
– Тимот е во нешто подобра состојба отколку што беше минатиот месец. За жал, Кевин е аут. Останатите играчи се вратија во добра физичка состојба. Мислам дека Кевин ќе биде надвор од терените во следните неколку натпревари, изјави шпанскиот тренер.
Манчестер Сити повторно ќе може да се потпре на Серхио Агуеро откако напаѓачот продолжи со тренинзите пред неколку дена. Голгетерот на „граѓаните“ не играше од јуни откако се здоби со повреда на коленото за време на натпреварот против Барнли во Премиер лигата.
Влатче Зорба