Чесите и денеска излегуваат на гласање за да гласаат меѓу осумте кандидати на изборите за иден претседател, кои започнаа во петокот.
Според предизборните анкети, пензионираниот генерал Петр Павел се смета за благ фаворит, пред поранешниот премиер Андреј Бабиш и професорката по економија Дануша Нерудова.
Тие тројца кандидати имаат шанса да одат во вториот круг, бидејќи ниту еден од нив, според истражувањата, не може да освои 50 отсто од гласовите потребни за победа во првиот круг гласање, кој завршува денеска во 14 часот, пренесува Ројтерс.
Во недела, на 8 јануари, СТЕМ ги објави резултатите од истражувањето спроведено во првите денови од оваа година, а според нив, Андрај Бабиш во првиот изборен круг би освоил 27,9 отсто од гласовите, генералот Петр Павел 26,7, додека Дануше Нерудова би бил на третото место со 24,4 отсто од гласовите, пренесува Дојче веле.
Во последното истражување, Медијан, локален истражувач на јавното мислење, го става Павел во водство со 29,5 отсто, околу три отсто повеќе од второпласираниот Бабиш.
Ипсос, друга куќа за испитување на јавното мислење, покажува дека Бабиш води во оваа конфронтација со околу 0,8 процентни поени.
Во двете анкети поранешната ректорка на универзитетот Нерудова заостануваше малку зад двајцата, но беше далеку пред пет други кандидати, од кои секој имаше помалку од пет отсто, пренесува Еуроњуз.
Истражувањата на СТЕМА, како и други анкети покажуваат дека во вториот круг, кој ќе се одржи на 27 и 28 јануари, Бабиш би освоил 10 до 20 отсто помалку гласови од неговиот противкандидат.
Генералот Петр Павел, кој беше шеф на воениот комитет на НАТО, а претходно и началник на Генералштабот на чешката армија, има блескава 30-годишна воена кариера.
Бабиш (68) со својата партија АНО, која во моментов е во опозиција, се обидува да ја добие претседателската функција и да го замени својот сојузник Милош Земан, чиј втор мандат завршува во март.
Чешкиот суд во понеделникот ослободи поранешен премиер од обвинение за измама поврзана со субвенции од ЕУ, со што се подобрија шансите за милијардерот и еден од фаворитите на претседателските избори оваа недела.
Еден од првите што му честиташе беше унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој го советуваше својот пријател „да продолжи со борбата“.
Бабиш во вторникот го посети францускиот претседател Емануел Макрон за да ги покаже своите пошироки врски во Европа.
За време на кампањата, Павел се огради од Орбан, кој има несогласувања со партнерите од ЕУ околу владеењето на правото, а исто така го доведе во прашање членството на Чешка во Вишеградската група, во која покрај Унгарија се и Полска и Словачка.
Нерудова (44) е трета во анкетите и би била првата жена на таа позиција, која првпат ја држеше Вацлав Хавел по распадот на Чехословачка во 1993 година, а моментално Милош Земан, кој за време на неговите два петгодишни мандати се обиде да изгради поблиски односи со Кина и Русија.
Таа, како и Павел, се залага за транзиција кон еврото и е застапник на надворешната политика на Хавел, водена од човековите права.
Резултатите од изборите за новиот претседател, кој според уставот нема големи извршни овластувања, се очекува да бидат познати попладнево, јавува Ројтерс.