Царинска Управа поднесе кривични пријави за дела сторени на ГП Табановце

Сподели со своите пријатели

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец октомври 2015 година до надлежните јавни обвинителства  поднесе вкупно 10 кривични пријави, против 11 физички и 5 правни лица.

Loading...

 Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Криумчарење“, „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Фалсификување исправа“ и „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

Четири кривични пријави, две до Основното јавно обвинителство Гевгелија и по една до Основните јавни обвинителства во Куманово и Скопје, се поднесени против четири физички лица за сторено кривично дело криумчарење, од кои една кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена е против германски државјанин со привремен престој во Република Македонија, заради обид за криумчарење на поголема количина автоделови и разни лекови, со вкупна вредност од над 120 илјади денари.

Осомничениот управувајќи патничко возило со германски привремени таблички, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. При контрола на возилото, под задните седишта биле пронајдени 42 парчиња автоделови (филтер за масло, огледало за ретровизор, штрафови, ланец за мотор, дихтунзи и др.), а во просторот за резервна гума, во кожна торба, биле пронајдени 68 кутии разни лекови. Осомничениот е изведен пред судија на претходна постапка во Основниот Суд Куманово каде му е одредена мерка претпазливост – привремено одземање на патната исправа.

Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Куманово, е поднесена против државјанин на Република Словачка заради обид за криумчарење на семки од марихуана.

Осомничениот, како патник во автобус со полски регистарски таблички, што сообраќал на редовна линија од Грција за Полска, се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. При претрес на куферот, сопственост на осомничениот, помеѓу неговите лични работи била пронајдена мала кутија со вкупно 37 семки од непознато растение.

По издадена наредба од Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, Одделот за криминалистичка техника при МВР изготви вештачење на семенскиот материјал според кое, семките потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род Cannabis и со засадување на истите од нив може да се развие растението Cannabis.

Осомничениот е предаден на судија за претходна постапка во Основниот Суд Куманово каде е донесена пресуда со предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и му е утврдена казна условна осуда – казна затвор во траење од 9 месеци која нема да се изврши доколку истиот не стори друго кривично дело во период од 5 години, одземање на семенскиот материјал и протерување на странец од Република Македонија со забрана за влез во државата во траење од 10 години.

Loading...