Вкупно илјада и дваесет и четири бегалци и мигранти се присутни во моментот во Транзитниот центар Табановце, откако ноќеска бројката од 965 лица, се зголеми со враќање на дел од бегалците од Сирија и Ирак кои со часови беа заглавени на македонско – српската граница.
Поради долготрајната изложеност на отворен простор, во текот на вчерашниот ден, мобилните тимови на Црвен Крст во соработка со Итната медицинска помош, интервенираа во неколку случаи на пријавени колабирани бегалки и деца затруени од чад, а поради палење огин на границата со Србија во обид, бегалците да се стоплат поради силниот ветер во текот на денот.
Со пристигнување на возот од Гевгелија во текот на вчерашниот ден, од вкупно 250 бегалци и вратенитге 45 бегалци ден претходно, српската полиција пропушти поголем дел, но ги затвори рампите за 70 лица, кои во моментот се сместени во контејнери и шатори, а во состојба кога ТЦ Табановце е преполн со бегалци од Авганистан, Сирија, Ирак, Иран и Либан.
И покрај лимитираните сместувачки капацитети, во центарот се врши редовна дистрибуција на храна од страна на невладините организации, се врши редовно чистење и дезинфицирање на сите шатори и кујната каде во моментот се сместени бегалци од Сирија, вратени од српска страна поради извесни недостатоци при регистрација во ПТЦ Гевгелија.
Во пресрет на денешниот состанок на маргините на ЕУ и Турција, како и најавите за затворање на т.н Балканска рута во која е вклучена и Македонија, бегалците и мигрантите остануваат во ТЦ Табановце и нивниот статус засега останува непроменет.
Loading...