Велика Британија објави дека во заедничка иницијатива со Норвешка ќе одвои нешто повеќе од 580 милиони долари за набавка на стотици илјади воени дронови, радарски системи и противтенковски мини, како и за поправка и одржување на оклопните возила на Украина со цел да останат оперативни на фронтот, пренесе АП.
Таа помош се појави во време кога британскиот министер за одбрана Џон Хили го води состанокот на украинската Контакт група за одбрана во Брисел, заедно со неговиот германски колега Борис Писториус.
Групата вклучува членки на НАТО и други земји кои ја поддржуваат Украина.
„Работата на украинската Контакт група за одбрана е клучна за Украина да биде во посилна позиција и да изврши притисок врз (рускиот претседател Владимир) Путин да го принуди да стави крај на оваа ужасна војна“, рече Хили за време на состанокот, пренесе Танјуг.
Вчера тој претседаваше и со состанокот на министрите за одбрана на таканаречената „коалиција на подготвените“, британско-француска иницијатива за одржување на мирот во случај на мировен договор во конфликтот меѓу Русија и Украина.