Братче и сестричка од Шипковица настрадале во поплавите додека биле во приземјето на семејната куќа. Едно ипол годишното братче починало, додека по шестгодишната сестричка се’ уште се трага.
Според изјавите на жителите, се трага и по петнаесетгодишно девојче кое исто така е исчезнато, а жртва на поплавите е и старец на возраст од околу 80 години.
Мештаните велат веќе се работи на расчистување, а во селото има и екипа на војската дојдена да помогне за пронаоѓање на жртвите. Најголем дел од куќите кои се срушени при елементарната непогода, се наоѓаат во горниот дел на селото.
Триесет и пет војници со обучени кучиња се во потрага по телото на исчезнатото девојче. Според министерот за одбрана, Зоран Јолевски дел од војниците му помага на населението во расчистување на теренот.
„По барање на жителите на Шипковица, 35 војници утрината од 6:30 часот се на терен. Поради лошите услови, работите одат бавно“, изјави министерот, Јолевски.
Во меѓувреме општината Тетово отвори собирен пункт за хуманитарна помош и ги повика сите кои сакат и можат да донираат, да ги донесат средствата на паркингот зад општинската зграда.
Потребни се донации во вода за пиење, храна, средства за хигиена, а добредојдени се и финансиски средства. Во Шипковица и Мала Речеца оштетени се голем број на домови, а водата некаде допрела до вторите катови од куќите.
Тетовското јавно претпријатие ги повика граѓаните да не ја употребуваат водата за пиење додека не стигнат резултатите за исправноста на водата од градскиот водовод. Во меѓувреме, препораката е да се пие флаширана вода.