Возачите на мотоцикли отсега ќе бидат регистрирани и санкционирани преку системот „Безбеден град“ и за надминување на дозволената брзина, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој во синоќешното гостување во Дневникот на ТВ Сител рече дека од вчера е започнато „детектирање и автоматско ловење“ на мотоциклите во деловите каде што е имплементиран системот „Безбеден град“.
Досега системот кај мотоциклите можеше автоматски да регистрира прекршок за поминување на црвено светло, додека за прекумерна брзина не постоеше техничка можност за автоматско санкционирање.
-Значи, официјално, заклучно со денеска би требало да ги имаме првите бројки на казнети моторџии преку автоматскиот систем на „Безбеден град“. Најдовме технички начин како и тие да бидат констатирани во рамки на сторувањето на прекршокот за возење со недозволена брзина. Претходно беа изрекувани казни само за поминување на црвено. Така што, нека не се изненадат дека ќе бидат предмет на санкционирање од системот „Безбеден град“ оние коишто глумат дека се моторџии и не ги почитуваат правилата, а тоа се прави првенствено заради нивна заштита, а потоа и за заштита на сите останати совесни учесници во сообраќајот, истакна Тошковски, посочувајќи дека од шест загинати во сообраќајни несреќи овој месец, четворица управувале мотоцикл.

