Белото овошје и белиот зеленчук го чуваат срцето

Сподели со своите пријатели

Консумирањето на големи количини на овошје и зеленчук со бела боја го намалува ризикот од срцев удар за 52%, покажаа резултатите од една холандска студија.

Научниците дошле со овој резултат по десет години на истражување на ефектите на боите на овошјето и зеленчук во споредба со ризикот од срцев удар.  Во студијата биле вклучени 20.069 луѓе, чија просечна возраст е 41 година, а на почетокот на студијата  немало пациенти кои боледувале од кардиоваскуларни болести.

Сите учесници на почетокот на истражувањето пополниле прашалник за тоа колку често конзумираат намирници од листата на 178 прехранбени производи. Овошјето и зеленчукот биле поделени во четири групи според нивната боја: зелена, портокалова / жолта, црвена / виолетова и бела боја.

Во текот на десет години, научниците регистрирале 233 случаи на срцев удар. Иако не била воспоставена никаква поврзаност помеѓу конзумирањето на зелена, портокалова / жолта и црвена / виолетова боја на овошје и зеленчук и ризикот од срцев удар, било забележано дека кај оние испитаници кои во голема мера консумирале овошје и зеленчук со бела боја ризикот од срцев удар бил намален за 52%.

Научниците откриле дека секојдневното конзумирање на 25 грама овошје и зеленчук (на пример, просечната тежина на јаболкото е 120 грама ) доведува до намалување на  ризикот од срцев удар за девет проценти. Исто така тие потенцирале дека секојдневно треба да се јаде овошје и зеленчук во сите бои, бидејќи правилната исхрана  штити од други хронични болести.