Десет градови од светот во следните три дена ќе бидат учесници на тридневното Собрание на Асоцијацијата на ”Градови на мир” што ќе се одржи во Куманово, најави денес градоначалникот, Зоран Дамјановски.
Бегалската криза и случувањата на 9 мај според агендата ќе бидат двете главни теми но и причина, Куманово токму оваа година да биде избран како град домаќин, со што се дава посебно признание на градот и заложбите за мир и добри меѓуетнички односи, истакна Дамјановски.
- Куманово е член на Асоцијацијата на градови носители на пораката за мир седум години наназад, и според агендата, утре ќе заседава бордот, со што во петок ќе заседава Собранието со донесување на резолуција која ќе биде доставена до ООН, вели Дамјановски.
Во Куманово денес пристигна градоначалникот на градот Брајтон од Велика Британија, како еден од градовите – основачи на Асоцијацијата. Претставниците на градовите членки ќе заседаваат во кружната сала на поранешната зграда за општествени дејности.