Бајден повтори дека САД се противат на израелската инвазија на Рафах

Сподели со своите пријатели

Американскиот претседател Џозеф Бајден во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека САД се противат на израелската инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа од хуманитарни причини, соопшти Белата куќа.

Loading...

Во соопштението се наведува дека во вчерашниот разговор Бајден ја повторил загриженоста на САД за повеќе од милион Палестинци кои се наоѓаат во Рафах поради израелскиот план да ги нападне упориштата на Хамас во тој град, пренесе АП.

Бајден, исто така, ја истакна потребата од дополнително зголемување на испораката на хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа и разговараше со Нетанјаху за израелското отворање на дополнителни премини во северниот дел на палестинската енклава следната недела за да се овозможи минување на поголема помош.

Бајден и Нетанјаху разговараа и за тековните преговори за ослободување на заложниците во очекување на одговорот на Хамас за последниот предлог за договор за заложници, се вели во соопштението.

Во разговорот, Бајден ја спомена заедничката изјава што ја даде оваа недела со лидерите на 17 други земји во кои бара Хамас веднаш да ги ослободи преостанатите 133 заложници што ги држи во Појасот Газа, што ќе овозможи итен прекин на огнот и испорака на помош до цивили во енклавата, се вели во соопштението.

Забележано е дека Бајден ја повторил силната посветеност на САД за безбедноста на Израел, кој беше изложен на напад од ирански ракети и беспилотни летала претходно овој месец.

Белата куќа истакнува дека за време на разговорот со Нетанјаху, Бајден бил помалку суров отколку во претходниот телефонски разговор овој месец, кога предупреди дека идната поддршка на САД за Израел во војната зависи од брзото спроведување на новите чекори за заштита на цивилите и хуманитарните работници.

Двајцата лидери последен пат разговараа на 13 април, откако Иран изврши ракетни и беспилотни напади врз Израел.

Loading...