Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, пожарот кој вчера беснееше во с. Матејче на надморска височина од 1300 метри неколку пати бил гаснат и повторно се разгорувал.
Најпрвин вчера околу 11 часот одговорно лице од ЈП Шумско Стопанство ги информирало надлежните од РЦУК дека пожарот е локализиран, а нивните екипи вратени од терен.
Во текот на пладневните часови поради појава на ветер жариштата повторно се активирале. Тогаш поради лошата конфигурација на теренот и непристапноста до опожарената сува трева и дабова шума, биле ангажирани два авиони за гаснење пожар од Дирекцијата за заштита и спасување.
Во 17 часот е јавено дека авионите успеале да го изгаснат пожарот кај местото викано Вуксан, но веќе во 20:15 часот од Полициската станица во селото било пријавено дека пожарот повторно е активен.
Со истата информација било запознаено одделението на Дирекцијата за заштита и спасување, Одговорното лице од Шумско Стопанство, а надлежните лица од Општина Липково не биле достапни за контакт.
Дождот кој во текот на ноќта паѓаше во регионот го изгаснал пожарот, а засега нема конкретни информации за изгорената површина.