Американското Министерство за одбрана објави дека американската војска ќе има постојан воен гарнизон стациониран во Полска од 21 март за да ги исполни барањата во Европа.
Како што се наведува, гарнизонот ќе претставува еден од постојаните унапредувања на Соединетите Американски Држави во Европа, а при претставувањето на војниците кои ќе дејствуваат како дел од оваа мисија, командантот Џон Колашески рече дека тоа значи продлабочување на врските меѓу Европа и САД.
„Односот меѓу Америка и Полска служи како пример за продлабочување на врските низ Алијансата. Денешната церемонија е опиплив потсетник за растот на нашите односи“, рече тој.
По повод формирањето на гарнизонот, пред јавноста се обрати американскиот амбасадор во Полска, Марк Бжежински.
„Овој воен гарнизон гарантира дека нашите храбри мажи и жени во униформа ја имаат потребната поддршка за да се фокусираат на воената мисија“, рече амбасадорот.
Според Пентагон, американскиот гарнизон во Полска ќе обезбеди директна поддршка на базните операции со приближно 4.000 ротациони сили и 2.500 воен персонал, пренесува Кликс.