Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово вечерва во 20:00 часот ќе биде домаќин на „Вечер на кратки македонски филмови“, настан во организација на фестивалот за краток филм „Drim Short“ и здружението за култура и уметност „Арт-Манија“ во соработка со НУЦК ,,Трајко Прокопиев’’ и ЗПРУ „Кибер панк“.
– Денес во светот краткиот филм станува се повеќе актуелен бидејќи ја има моќта во еден здив да пренесе уникатни приказни и силни пораки, велат организаторите.
Кратките филмови во оваа програма се во режија на млади македонски режисери и обработуваат теми од нашето секојдневие. Некои од нив важните прашања од животот ги засладуваат со доза хумор, други те оставаат со горчлива емоција или пак ќе те натераат да заиграш во место.
Целта, како што велат организаторите, е што повеќе да ја афирмираат кратката филмска форма кај нас, а со тоа да се промовираат младите автори и да се врати кино програмата во градовите каде изумрела. Освен тоа додадена вредност на програмата е нејзиниот едукативен карактер што произлегува од самите пораки со кои филмовите ги заокружуваат своите приказни.
За престојниот период организаторите најавуваат и други активности од различни области со кои ќе ја зајакнат културната понуда во градовите низ Македонија.