Викендов Охрид беше домаќин на Државно сениорско поединечно првенство во атлетика на кое учество реализираа и членовите на Атлетскиот клуб Куманово, кои секако се вратија со позитивни резултати.
Доста малубројна екипа, но со многу мотивирани и одбрани атлетичари, кумановци освоија низа медали, а меѓу нив е и Катерина Тимчевска која учествуваше во неколку дисциплини и избори место во репрезентативниот состав за првенството во Малта.
Учество земав во трките на 100 и 200 метри каде што во моја прва година во сениорска конкуренција успеав да земам две втори места и воедно да завршам со мои лични рекорди. Исто така овој натпревар е доста важен бидејќи успеав да изборам место во двете штафети, четири пати 100 и четири пати по 400 метри и секако во мојата главна дисциплина успеав да изборам место во Сениорската репрезентација каде ќе ја претставувам Македонија на 24ти и 25ти јуни во Малта. Сите припреми и подготовки се насочени и целосно сме фокусирани на овој натпревар во Малта, бидејќи да ја претставиме нашата земја во најдобро можно светло и да го поправам мојот личен рекорд. . Вредно е да се напомене за мојот брат Иван кој се натпреварува и учествува во конкуреција до 17 години, а сепак успеа да парира на сениорската конкуренција и успеа да се избори за две медали 1.500 метри и на 3.000 метри успеа да заврши како третопласиран – изјави Тимчевска.
Дел од натпреварувањето во Охрид беше и Иван Тимчевски кој во споредба со минатата сезона оваа успеа да освои низа меѓународни и домашни медали.
Иако сега се натпреварувам во категоријата млади младинци успеав да земам две медали на сениорското првенство што ми доста значи. Земав медали на 1.500 и 3.000 со два лични рекорди и сум доста задоволен што успеав во сениорски рамки да земам две медали. Јас ги посветувам моите два успеси што ги направив во Охрид на мојот дедо кој моментално е во Скопје во тешка здравствена состојба и му посакувам побрзо оздравување – истакна Тимчевски.
Милан Вељковиќ изминатите викенди учествуваше на Балканското првенство до 18 години каде истрчал една секунда послабо од личниот резултат, а настап имаше и на Сениорското првенство.
Првиот ден настапив на 110 метри со пречки каде истрчав резултат кој би бил државен рекорд, но не е валиден поради недозволен ветар, а вториот ден настапив на 100 метри и 200 метри каде го освоив третото место и во двете дисциплини, а на 200 метри го подобрив и личниот резултат. Сега овој викенд повторно ќе настапам овој пат на Државно првенство до 19 години каде повторно ќе се обидам да го подобрам државниот рекорд во 110 метри со пречки и исто така се надевам и ќе се потрудам да изборам место за Светското првенство за под 18 години во Кенија – додаде Вељковски.
И пионерскиот состав на Атлетски клуб Куманово забележа одлични резултати, меѓу нив е и Марија Томиќ која минатата недела настапи на државното првенство каде брилираше на првото место во категоријата на 300 метри.
Задоволна сум, но можев уште подобро. Пред три недели се одржа државното првенство за основни училишта каде освоив повеќе награди, освои прво место на 300 метри, трето место на 100 метри и трето место екипна штафета четири пати 100 метри. Конкуренцијата беше многу јака имаше повеќе од 30 града од Македонија и над 300 ученици – додаде Томиќ.
Дел од кумановските атлетичари деновите активно тренираат на Атлетската патека во Соколана и за нив високите температури не се пречка за освојување нови врвови, овој пат од Малта во конкуренција со натпреварувачи од Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија и Ерменија.