Во Куманово минатата недела биле регистрирани 32 случаи на грип и заболувања слични на грип, што го прави градот втор по бројот на пријавени заболени во Македонија, веднаш зад Скопје.
Најголем број заболени во оваа недела се регистрирани во Скопје, каде биле пријавени 40 случаи, додека Куманово е на второто место. Следуваат Дебар и Радовиш со по 17 случаи, Тетово со 13, Охрид и Прилеп со по 11, Струга со 10 и Струмица со осум заболени.
Податоците се од извештајот на Институтот за јавно здравје за 47-мата недела од 2026 година, во периодот од 16 до 22 ноември.
На национално ниво, во текот на изминатата недела биле пријавени вкупно 188 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 22,1 проценти во однос на претходната недела, кога биле регистрирани 154 случаи.
Споредбата со истиот период минатата сезона покажува дека бројот на заболени е двојно поголем. Во 47-мата недела од минатата година биле регистрирани 91 случај, додека во последните 16 сезони просекот за истиот период изнесувал 110 случаи.
Од почетокот на сезоната 2026/2027, во Македонија се регистрирани вкупно 797 случаи на грип и заболувања слични на грип. Тоа е за 20,4 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата сезона, кога биле евидентирани 662 случаи, а за 38,4 проценти повеќе од просекот на последните 16 сезони.
Најголем кумулативен број заболени досега е регистриран во Тетово – 211 лица, додека највисока кумулативна инциденца е забележана во Радовиш.
Најголемиот дел од заболените се на возраст од 15 до 64 години.
Во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје, во текот на 47-мата недела биле тестирани 71 материјал, при што биле детектирани 17 позитивни примероци на грип. Од нив, 13 биле Influenza A – несубтипизирани, а четири Influenza A(H1)pdm09.
Во истиот период биле регистрирани и шест позитивни резултати за коронавирус.
Никола Ивановски

