Куфер за кој медиумите известуваат дека содржи кодови за активирање на рускиот нуклеарен арсенал го привлече вниманието на јавноста во кинескиот град Шенжен, каде што се одржува самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), пред трилатералниот состанок меѓу претседателите на Русија, САД и Кина, Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Џинпинг.
Снимките емитувани од руските државни медиуми покажуваат руски воен функционер како носи нуклеарен куфер со претседателот Путин.
Според аналитичарите на CNN, таквото јавно прикажување е потсетник за нуклеарните капацитети на Русија пред средбата на лидерите на трите нуклеарно вооружени држави.
Ова не е единствениот начин на кој Москва ги покажа своите воени капацитети во последните денови.
Порано оваа недела, Јапонија објави дека два осомничени руски авиони го нарушиле нејзиниот воздушен простор, додека Тајван соопшти дека два руски воени авиони влегле во нејзината зона за идентификација на воздушната одбрана.
Часови по инцидентот во близина на Тајван, сателитските снимки покажаа два руски стратешки бомбардери Ту-95 со нуклеарно оружје на аеродромот Да Нанг во Виетнам. На снимката беа забележани и два воени транспортни авиони Ил-76.
Според CNN, присуството на руски воени авиони во регионот претставува „необична демонстрација на воена моќ“.
Во анализата се проценува дека Путин дејствува од економски и дипломатски послаба позиција во разговорите со Си Џинпинг и Трамп, додека долготрајната војна во Украина, недостатокот на брз воен успех и притисокот врз руската економија претставуваат предизвици за Москва.
Сепак, презентацијата на нуклеарниот куфер, воените потези во регионот и присуството на стратешки бомбардери, според CNN, претставуваат порака дека Русија сè уште има значаен нуклеарен потенцијал и останува една од водечките нуклеарни сили во светот, пренесува Танјуг.

