Соединетите Американски Држави (САД) и Венецуела потпишаа договор за повторно воспоставување на воени врски, кој ќе вклучува сè, од заедничка обука до размена на разузнавачки информации, изјави синоќа во Каракас, за време на посетата на привремените лидери на таа јужноамериканска земја.
Хегсет истакна дека американските сили го заробиле тогашниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, во јануари.
Како што им рече на собраните дипломати и воени претставници на двете земји, Венецуела „се префрли од најагресивна регионална закана во партнер за соработка во безбедноста“.
Тој, исто така, ја пофали „тесната соработка“ со вршителот на должноста претседател Делси Родригез, што им овозможи на службениците да „ја стабилизираат Венецуела и да ја исчистат еднаш засекогаш од наркотерористи“, односно од трговци со дрога.
Посетата на Хегсет, најновата во низата посети на членови на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на Венецуела, укажува на напорите на американската администрација да го прошири своето влијание во јужноамериканската земја.
Трамп во август изјави дека Хегсет помогнал во посредувањето за сеопфатен договор со кој САД ќе преземат контрола врз дел од нафтените резерви на Венецуела.
Шефот на Пентагон го пофали овој енергетски договор, поврзувајќи го со уште една голема воена операција на администрацијата на Трамп оваа година – војната против Иран.
Конфликтот ги наруши глобалните снабдувања со енергија преку клучен воден пат во Персискиот Залив, предизвикувајќи зголемување на цените на горивата и придонесувајќи за големи загуби за Републиканската партија на среднорочните избори за Конгрес и државни гувернери оваа година.
Нафтениот договор со Венецуела „го прави Ормутскиот теснец ирелевантен фактор за Западната хемисфера“, рече Хегсет во Американската амбасада во Каракас.
Околу 20 проценти од светскиот извоз на нафта минува низ Ормутскиот теснец.
За време на средбата со Хегсет, Родригез рече дека овој договор овозможува „енергетски развој на нашите нации“ и дека „им користи и на луѓето од Соединетите Американски Држави и на луѓето од Венецуела“.

