Со пораки за почитување на историското минато, зачувување на слободата и идентитетот, но и одговорност за идниот развој на градот, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, се обрати на денешната свечена седница на Советот на Општина Куманово, по повод одбележувањето на 11 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.
Во своето обраќање, Димитриевски потсети дека годинава се одбележуваат 82 години од ослободувањето на Куманово и 507 години од неговото постоење, нагласувајќи дека овој датум претставува многу повеќе од историски настан.
„Ова не е само датум запишан во календарот. Ова е ден што живее во нашата меморија, во нашите срца и во колективната свест на секоја генерација кумановци. Ден што нè потсетува кои сме, од каде доаѓаме и каква одговорност имаме кон иднината што ја создаваме“, истакна Димитриевски.
Тој се осврна на историското значење на 11 Ноември 1944 година, кога Куманово било ослободено од фашистичкиот окупатор по долгата народноослободителна борба, оддавајќи им почит на борците и хероите кои ги положиле своите животи за слободата на градот. Меѓу нив ги посочи Христијан Тодоровски Карпош, Киро Фетак, Боро Менков, Перо Чичо, Бајрам Шабани, Мара Нацева, Боро Петрушевски и Трајко Стојковски – Бузо.
„Нивната жртва никогаш не смее да биде само страница во учебниците по историја. Таа мора да остане жива совест во секој од нас. Да нè потсетува дека слободата не е нешто што се подразбира, дека мирот е вредност што мора да се чува и дека достоинството на еден народ се гради со почитување на неговото минато и одговорност кон неговата иднина“, рече градоначалникот.

Во продолжение на говорот, Димитриевски порача дека аманетот на генерациите кои се бореле за слободата е да се зачуваат македонскиот јазик, идентитетот и националните вредности, а иднината на татковината да се гради со љубов, чесност и посветеност.
„Македонија е нашиот заеднички дом, кој треба да го чуваме и градиме со љубов и одговорност, оставајќи им на младите генерации татковина каде ќе останат, ќе создаваат и ќе веруваат во својата иднина“, порача Димитриевски.
Осврнувајќи се на работата на локалната самоуправа, тој нагласи дека вистинската почит кон минатото треба да се покаже преку конкретни дела, одговорност и посветеност кон потребите на граѓаните. Според него, довербата на граѓаните е најголемата обврска на локалната власт, а секоја донесена одлука треба да има јасна цел – подобрување на квалитетот на животот.
Како приоритетни области на кои продолжува да работи Општина Куманово ги посочи унапредувањето на инфраструктурата, подобрувањето на условите во образованието, развојот на гасификацијата, заштитата на животната средина, јакнењето на социјалната и детската заштита, како и поддршката на културата и спортот.
„Ако генерациите пред нас се бореле за слобода, наша должност е таа слобода да ја претвориме во можности, напредок, достоинствен живот и подобра иднина за секој граѓанин“, истакна градоначалникот.

Тој додаде дека успехот на еден град не треба да се мери единствено преку реализираните проекти, туку и преку сигурноста на семејствата, насмевките на децата и надежта на граѓаните за подобра иднина.
Посебно место во неговото обраќање имаше и мултиетничкиот карактер на Куманово, кој, како што нагласи, претставува вредност што треба да се негува и надградува.
„Взаемна почит, толеранција, солидарност и еднакви можности се темелите, врз кои треба да ја градиме нашата иднина. Да не дозволиме поделбите да го надвладеат заедништвото, ниту недоразбирањата да ја надвладеат човечноста, зашто нашата сила е во единството, љубовта кон Куманово и заедничката желба – на нашите деца да им оставиме подобра иднина“, порача Димитриевски.
Во визијата за идниот развој, тој посочи дека Куманово треба да продолжи да се развива како уреден, урбан и европски град, со квалитетни јавни услуги, развиена инфраструктура, чиста животна средина и можности за сите граѓани.
На крајот од обраќањето, Димитриевски повика на поголема одговорност, солидарност и заедништво, нагласувајќи дека сегашните генерации имаат обврска да го почитуваат минатото, да преземат одговорност за сегашноста и да остават подобра иднина за поколенијата што доаѓаат.
„Да бидеме генерација која ќе го почитува минатото, ќе ја преземе одговорноста за сегашноста и ќе им остави на идните поколенија град, со кој ќе се гордеат“, порача градоначалникот.
Говорот го заврши со честитка по повод празникот, посакувајќи Куманово да продолжи да се развива како град на можности, солидарност и надеж.
„Да ни е вечно Куманово – нашиот дом, нашата гордост и наша заедничка иднина! Да живее Македонија во мир, слобода, единство и благосостојба за сите нејзини граѓани!“, порача Димитриевски.
Никола Ивановски

