Куманово и Источно Сараево потпишаа меморандум за збратимување (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Куманово и Источно Сараево воспоставуваат нов партнерски однос, откако вчеравечер во Занаетчискиот дом во Куманово беше потпишан меморандум за збратимување меѓу двата града.

Потпишувањето се случи во рамки на свечениот прием на делегации од збратимените градови, организиран по повод одбележувањето на 82 години од ослободувањето на Куманово.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, истакна дека со новото збратимување се отвора можност за продлабочување на соработката, која ќе започне преку културата и спортот, а во иднина треба да се прошири и на економски план, со поврзување на институциите и правните субјекти од двата града.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Брачен пар од Куманово измамен за сума од 14.000 евра

 

 

Димитриевски посочи дека Куманово е домаќин на повеќе од 11 делегации од Балканот, односно претставници на пријателски и збратимени градови, со дел од кои соработката трае повеќе од три децении.

– Вечерва потпишавме и спогодба за збратимување со Источно Сараево од Република Српска, Босна и Херцеговина. Тоа значи нов партнерски однос. Секогаш започнуваме со соработка на културно и спортско ниво, а дополнително и на економско ниво, со поврзување на нашите правни субјекти и размена на искуства, изјави Димитриевски.

 

 

Тој нагласи дека Источно Сараево е град кој се развивал по војната во Босна и Херцеговина и денес има современ урбанистички лик, изразувајќи надеж дека новото партнерство ќе овозможи дополнителни контакти и соработка не само меѓу локалните самоуправи, туку и меѓу училиштата, јавните претпријатија и останатите институции.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поранешните градоначалници на свечен прием кај Димитриевски (ФОТО)

Од страна на Источно Сараево, членот на градската управа, Љубиша Ќосиќ, оцени дека постојат добри основи за соработка, особено во областите во кои двата града имаат блиски интереси.

Тој посочи дека културата, спортот и невладиниот сектор се области во кои може да се воспостави непосредна комуникација и поврзување на граѓаните, но дека најголем предизвик ќе биде остварувањето конкретни резултати во економската сфера и реализацијата на заеднички проекти.

– Сигурен сум дека ќе се следиме меѓусебно и дека ќе ги поврземе граѓаните на Куманово и Источно Сараево. Најголем предизвик ќе биде да се оствари соработка на економски план и соработка во областа на заедничките проекти, истакна Ќосиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Жител од Старо Нагоричане живеел вонбрачно со дете, доби кривична пријава

Со потпишувањето на меморандумот, Куманово добива уште еден партнер во регионот, а најавената соработка треба да создаде можности за размена на искуства, културни и спортски активности, како и заеднички иницијативи од интерес на граѓаните на двата града.

Никола Ивановски