Околу 600 ученици учествуваа на традиционалната улична трка во Куманово (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Околу 600 ученици од кумановските основни и средни училишта денеска учествуваа на традиционалната улична трка што се одржа по повод празникот 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово.

 

 

Спортската манифестација, во организација на Општинскиот сојуз за училишен спорт Куманово, ги исполни улиците на централното градско подрачје со млади учесници, а во неа беа вклучени и околу 40 наставници по физичко и здравствено образование од основните училишта, како и наставници по спорт и спортски активности од средните училишта.

 

 

Стартот на трката беше организиран на повеќе локации, во зависност од возрасната категорија на учесниците, додека целта беше поставена на градскиот плоштад „Нова Југославија“, каде што се одржа и доделувањето на наградите, медалите и подароците за учесниците.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поранешните градоначалници на свечен прием кај Димитриевски (ФОТО)

 

 

На настанот присуствуваше и претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, заедно со раководители од општинската администрација.

 

 

Уличната трка е дел од традиционалните спортски активности по повод празникот на градот, а со големиот број учесници и оваа година ја потврди својата популарност меѓу младите.

 

 

Целта на манифестацијата е поттикнување на спортот и физичката активност, но и промовирање на дружењето и здравите животни навики кај учениците.

Никола Ивановски