Денес во Литванија започнаа воени вежби на германскиот Бундесвер, во кои учествуваат повеќе од 6.000 војници, а ќе траат до 3 декември, јавува литванската јавна служба ЛРТ.
„Во вежбите „Штит на слободата 26-II“ и „Голем орел 26“, учествуваат единиците на 45-та оклопна бригада „Литванија“ и 37-ма моторизирана пешадиска бригада „Саксонија“, кои припаѓаат на германската 10-та оклопна дивизија“, се наведува во соопштението.
Покрај литванските и германските сили, во борбената обука ќе учествуваат и припадници на мултинационалната борбена бригада на НАТО од Германија, Холандија, Норвешка, Чешка, Хрватска, Белгија и Луксембург, како и единици на литванската армија.
Главната цел на маневрите е зголемување на борбената готовност, вежбање командни, контролни и планирачки операции, како и зајакнување на соработката со сојузничките сили.
Литванската армија објави дека вежбата „Штит на слободата 26-II“ ќе се одржи на воениот полигон Руднинкај, додека вежбата „Голем орел 26“ ќе се одржи на воениот полигон „Генерал Силвестрас Жукаускас“, во близина на градот Пабрада.
За време на вежбата е планирана интензивна употреба на воени возила, поради што се очекува зголемен сообраќај на воени конвои.
Најголемото движење на конвои се очекува во близина на граничниот премин Калварија на 6 и 7 ноември, како и од правец на Клајпеда на 10 и 12 ноември.
Локалното население беше предупредено за можни прекини во сообраќајот и беше повикано да ги почитува упатствата на воената полиција.
Во претходните години, Русија постојано изразуваше загриженост за активностите на НАТО долж нејзините западни граници.
Кремљ претходно објави дека Москва не претставува закана за другите земји, но дека нема да ги игнорира активностите што ги смета за потенцијално опасни за своите интереси.

