Нов протест против високите трошоци за живот, војната и вооружувањето е закажан за утре во италијанскиот град Торино, објави денес Анса.
Собирот е закажан за 15:00 часот на плоштадот Кастело, а учесниците ќе протестираат против високите кирии, како и против намалувањето на буџетските средства за образование и здравство.
Протестот беше најавен за време на денешниот собир на граѓани на универзитетскиот кампус „Луиџи Еинауди“, кој е окупиран од студенти од 26 октомври.
На состанокот присуствуваа студенти, претставници на синдикати и разни колективи.
Организаторите најавија и нови активности во наредните недели, со цел продолжување на протестното движење.
Според објавениот план, демонстрантите ќе поминат низ главните улици на Торино, а протестниот марш ќе заврши на плоштадот Криспи.
Собирот беше пријавен во полициската управа, а во исто време, слични активности ќе се одржат во Џенова, Фиренца, Болоња, Удине и Лече.
Учество најавија претставници на неколку студентски здруженија, додека мрежата „Торино ин Пјаца“, која ги координира активностите на различни организации вклучени во протестите, е меѓу организаторите.
Се очекува студентските блокади да се прошират и на други универзитетски објекти во Торино, вклучувајќи ја и зградата Палацо Нуово, откако неколку високообразовни институции беа окупирани во претходните недели, според Анса.
Бранот протести во Торино започна во првите денови од октомври, кога средношколците започнаа со блокади и окупации на училишта низ градот, барајќи подобра инфраструктура и услови за образование.
Во средината на октомври се одржа првиот голем координиран протестен марш, во кој учествуваа илјадници студенти и професори.
За време на тој митинг, имаше сериозни судири меѓу демонстрантите и полицијата на плоштадот Кастело.
Масовни протести против високите трошоци за живот и вооружувањето беа организирани и на 24 октомври, кога повторно беа забележани жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата.

