Воведување статус родител-негувател, отворање повеќе дневни центри и обезбедување услови за независно живеење на лицата со попреченост беа дел од клучните прашања на денешната панел-дискусија „Животот со попреченост – предизвици, поддршка и инклузија“, што се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово, во организација на здружението „Порака наша“, кое одбележува 20 години постоење и работа.
На дискусијата учествуваше министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кој најави дека дел од барањата на семејствата ќе бидат разгледани во рамки на законските измени и дека се работи на развој на различни форми на поддршка за лицата со попреченост и нивните семејства.
Јелена Стаменковиќ, психолог во „Порака наша“, истакна дека панел-дискусијата е дел од активностите за одбележување на јубилејот, но и можност да се отворат прашања за правата, потребите и иднината на лицата со попреченост.
– Денешната панел дискусија се организира како дел од проектот поддржан од Општина Куманово за 20 години постоење и работа на здружението „Порака наша“ Куманово. Целта на денешната панел дискусија е да се отворат теми за лицата со попреченост и нивните права, изјави Стаменковиќ.
Таа посочи дека здружението од 2023 година е лиценцирано како Центар за рехабилитација и реинтеграција за лица со интелектуална попреченост над 18 години.

Во моментов, услугите ги користат 20 лица, додека лиценцата дозволува опфат на вкупно 24 корисници. Дополнително, постојат и други заинтересирани лица кои чекаат да бидат вклучени во услугите на здружението.
– Имаме неофицијална листа на чекање, бидејќи тоа оди преку Центарот за социјална работа, па проверуваме дали се законски компатибилни за нашата организација или не, па тогаш ги примаме во нашата организација. Неофицијално имаме околу четири до пет луѓе кои чекаат, посочи таа.
Како една од најважните цели за следниот период, Стаменковиќ го издвои развојот на услугата за независно живеење, која би им овозможила на лицата со попреченост поголема самостојност и соодветна поддршка надвор од семејниот дом.
– Имаме можност да нудиме и други услуги и се надеваме дека од следната година, едно горливо прашање, а тоа е независно живеење на лица со попреченост ќе се отвори и во Куманово и дека Порака наша како провајдер ќе може да ја пружи таа услуга, изјави Стаменковиќ.

Таа додаде дека евентуалното воведување нови услуги ќе создаде можности и за проширување на тимот, кој во моментов работи според утврдени протоколи и услови за лиценцирање.
За тешкотиите со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост говореше и Снежана Трајковска, дипломиран педагог и наставник, која е родител на дете со Даунов синдром.
Таа посочи дека недостигот од дневни центри и можности за згрижување на децата претставува сериозен проблем, особено за родителите кои се вработени и немаат соодветна поддршка во секојдневната грижа.
– Родител сум на дете со посебни потреби и Даунов синдром и секојдневно се соочуваме со тешкотии, првин немаме кој да ни ги чува децата, ни требаат повеќе дневни центри. Прво наше основно барање е воведување на статус родител негувател, многу од родителите се соочени со проблем што нема кој да им ги чува децата, изјави Трајковска.

Таа посочи дека и самата се соочува со ваков проблем, бидејќи и таа и нејзиниот сопруг се вработени во образованието, а немаат соодветна помош за грижата за детето.
– Еве и јас конкретно нема кој да ми го води детето во Дневниот центар Порака наша, работам во училиште, сопругот исто работи во образование, така да еве не можеме ни правото на скратено работно време да го користиме, нагласи Трајковска.
Според неа, проблемот станува уште посериозен кога родителите ќе останат без поддршката од своите родители и други блиски членови на семејството, кои често им помагаат во грижата за децата.
Таа смета дека е неопходно институциите да преземат конкретни мерки, посочувајќи го примерот на Србија, каде што е воведен статусот родител-негувател.
– Не ја знам точната бројка, но многу семејства се соочуваат со вакви проблеми и мислам дека крајно време е да се преземе нешто за нашите деца и да се реши проблемот како во Србија на пример, со воведување на статусот родител негувател, мислам дека тоа е првиот проблем“, истакна таа.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, рече дека ваквите настани се важни за институциите непосредно да ги слушнат проблемите на родителите и старателите, кои секојдневно се соочуваат со предизвици во грижата за лицата со попреченост.
Тој најави дека се подготвуваат измени на законите за социјална заштита и за заштита на децата, во кои дел од барањата би добиле законска рамка.

Во однос на статусот родител-негувател, министерот рече дека прашањето веќе се разгледува и дека се анализираат аргументите за и против неговото воведување.
– За жал со години некои работи не биле помрднати во овој систем за социјална заштита, денеска правиме многу исчекори. Ќе видите за кратко време, самите измени на законот за социјална заштита, каде што дел од овие барања веќе и ќе бидат во самата измена на законот, дел од законот за заштита на децата и тој денеска веќе ќе биде ставен во владина процедура“, рече Велковски.
Во однос на барањето за статус родител-негувател, тој посочи дека не е донесена конечна одлука, но дека се разгледуваат можностите за примена на вакво решение во македонскиот систем.
– И ова прашање што го потенцираше родителката во однос на тоа каде што во Србија е донесен законот за родител негувател, во принципот веќе го разгледуваме во нашиот систем и се буквално ставени на маса сите аргументи за или она коишто некои од нашите стручни лица кажуваат дека не треба да биде донесен. Меѓутоа ќе разгледаме детално, не велам дека ваков еден принцип не е добар да биде преземен во нашиот систем, истакна министерот.
Велковски најави и активности за развој на мали групни домови и други форми на поддршка за лицата со попреченост, со цел да се обезбедат услови за живеење и грижа и за оние чии родители или старатели повеќе не можат самостојно да се грижат за нив.
Тој посочи дека Министерството веќе испратило иницијативи до општините за идентификување соодветни простори што би можеле да се реконструираат и да се приспособат за ваква намена.
– Веќе испративме иницијативи бидејќи Министерството не располага со просторни услови, односно имот, меѓутоа општините располагаат и има такви простори коишто денеска не се користат за некаква друга намена, така да очекуваме дека набрзо ќе пристигнат конкретни предлози од самите општини, коишто потоа тие простори ќе бидат употребени, реконструирани, првично опремени, потоа употребени токму за ваква намена, изјави Велковски.
Тој додаде дека Министерството ги поддржува и приватните даватели на социјални услуги кои имаат капацитет да обезбедат 24-часовна поддршка за лицата со попреченост, наведувајќи дека целта е услугите да бидат подеднакво достапни во сите општини.
Панел-дискусијата беше посветена на предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства, како и на потребата од подобра институционална поддршка, поголема достапност на социјалните услуги и создавање услови за нивно активно вклучување во заедницата.
Никола Ивановски

