Вакцинацијата против сезонски грип во Куманово започна на 21 октомври, а од Министерството за здравство се обезбедени 1.600 дози вакцини.
Вакцинацијата се спроведува во Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје Куманово, а вакцините се бесплатни и првенствено наменети за граѓаните кои припаѓаат на ризичните групи.
– Од Министерството за здравство обезбедени се 1.600 дози вакцини против сезонски грип. Вакцините се корејски, тривалентни, ефективни и безбедни. Тие се бесплатни и се препорачуваат за ризичните групи на население, изјави Едита Рамизи, епидемиолог при Центарот за јавно здравје Куманово.
Меѓу граѓаните на кои им се препорачува вакцинација се лицата над 65-годишна возраст, децата од шест месеци до пет години, лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, како и лицата кои примаат имуносупресивна терапија.
Препораката се однесува и на членовите на семејствата во кои живеат лица на имуносупресивна терапија, штитениците во старските домови, бремените жени, доилките и здравствените работници.

Пред вакцинацијата, здравствените работници ја проверуваат здравствената состојба на секое лице и утврдуваат дали постојат контраиндикации за примање на вакцината.
– Секако, спроведуваме епидемиолошка анкета, го прашуваме пациентот за моменталната состојба и проверуваме дали постојат контраиндикации. Меѓу нив се алергија на јајца и пилешки производи, како и акутна фебрилна состојба, објаснува Рамизи.

По примањето на вакцината, потребно е време за организмот да развие соодветен имунолошки одговор.
– Треба период од две до три недели да се развие имунитетот, посочува епидемиологот.
Рамизи нагласува дека вакцинацијата е особено важна за спречување на тешките форми на грип и намалување на ризикот од компликации кај граѓаните, особено кај лицата со зголемен ризик од сериозно заболување.
– Епидемиолошките податоци покажуваат дека пациентите се задоволни од вакцината, бидејќи таа штити од грипот и од тешките форми на заболувањето. Го намалува ризикот од хоспитализација, а исто така и смртноста ја сведува на минимум, вели Рамизи.
Заштитата што ја обезбедува вакцината трае една година, поради што навремената имунизација е важна превентивна мерка во сезоната на грип.
Никола Ивановски

