Во Куманово започна вакцинацијата против сезонски грип, обезбедени 1.600 дози (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Вакцинацијата против сезонски грип во Куманово започна на 21 октомври, а од Министерството за здравство се обезбедени 1.600 дози вакцини.

Вакцинацијата се спроведува во Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје Куманово, а вакцините се бесплатни и првенствено наменети за граѓаните кои припаѓаат на ризичните групи.

– Од Министерството за здравство обезбедени се 1.600 дози вакцини против сезонски грип. Вакцините се корејски, тривалентни, ефективни и безбедни. Тие се бесплатни и се препорачуваат за ризичните групи на население, изјави Едита Рамизи, епидемиолог при Центарот за јавно здравје Куманово.

 

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Малите каратисти на „Ронин Доџо“ со шест медали од меѓународен турнир во Скопје (ФОТО)

Меѓу граѓаните на кои им се препорачува вакцинација се лицата над 65-годишна возраст, децата од шест месеци до пет години, лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, како и лицата кои примаат имуносупресивна терапија.

Препораката се однесува и на членовите на семејствата во кои живеат лица на имуносупресивна терапија, штитениците во старските домови, бремените жени, доилките и здравствените работници.

 

 

Пред вакцинацијата, здравствените работници ја проверуваат здравствената состојба на секое лице и утврдуваат дали постојат контраиндикации за примање на вакцината.

– Секако, спроведуваме епидемиолошка анкета, го прашуваме пациентот за моменталната состојба и проверуваме дали постојат контраиндикации. Меѓу нив се алергија на јајца и пилешки производи, како и акутна фебрилна состојба, објаснува Рамизи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Променливо време, температурите во благ пад

 

 

По примањето на вакцината, потребно е време за организмот да развие соодветен имунолошки одговор.

– Треба период од две до три недели да се развие имунитетот, посочува епидемиологот.

Рамизи нагласува дека вакцинацијата е особено важна за спречување на тешките форми на грип и намалување на ризикот од компликации кај граѓаните, особено кај лицата со зголемен ризик од сериозно заболување.

– Епидемиолошките податоци покажуваат дека пациентите се задоволни од вакцината, бидејќи таа штити од грипот и од тешките форми на заболувањето. Го намалува ризикот од хоспитализација, а исто така и смртноста ја сведува на минимум, вели Рамизи.

Заштитата што ја обезбедува вакцината трае една година, поради што навремената имунизација е важна превентивна мерка во сезоната на грип.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  62-годишен кумановец возел мотокултиватор без дозвола, полицијата го привела

Никола Ивановски