Бугарија избира претседател, Јотова пред Ѓуров

Сподели со своите пријатели

Граѓаните на Бугарија гласаат на претседателските избори утре, но се очекува победникот да биде познат дури во вториот круг, во кој треба да учествуваат актуелниот шеф на државата Илијана Јотова и економистот Андреј Ѓуров.

Јотова на изборите се кандидира како независен кандидат, но има поддршка од владејачката партија „Прогресивна Бугарија“ на премиерот Румен Радев и Социјалистичката партија, во која ја започна својата политичка кариера.

Ѓуров, поранешен заменик-гувернер на централната банка и премиер на преодната влада во текот на првите месеци од 2026 година, е поддржан од прозападната реформистичка опозиција.

Аналитичарите очекуваат дека ниту еден од 27-те кандидати нема да стане претседател во првиот круг од изборите, бидејќи за тоа се потребни два услови – излезноста да биде поголема од 50 проценти од 6,6 милиони регистрирани гласачи и победникот да освои мнозинство гласови.

Се очекува излезноста утре да биде помала од 40 проценти, што би значело дека втор круг гласање ќе се одржи на 1 ноември, според Асошиејтед Прес.

Во Бугарија, функцијата на претседателот е во голема мера церемонијална, како и во Македонија – шефот на државата нема извршни овластувања и сите важни одлуки мора да бидат одобрени од парламентот, но директните избори му даваат политички авторитет.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Израел ги затвори приодите кон Хеброн на Западниот Брег, Палестинците спречени да се движат

Претседателот е врховен командант на армијата, има право да става вето на закони, потпишува меѓународни договори и назначува амбасадори.

Претседателот на Бугарија се избира директно за период од пет години, и никој не може да ја извршува таа функција повеќе од два мандата.

Фаворит на изборите е Јотова, 62-годишна новинарка и поранешна членка на Европскиот парламент, која, во случај на победа, ќе стане прва претседателка на Бугарија.

Таа беше потпретседател на државата додека Радев беше претседател (2017-2026), а функцијата претседател ја презеде во јануари оваа година, кога тој поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори на 19 април.

Во пресрет на тие избори, Радев ја основа Прогресивна Бугарија, која се смета за партија од левиот центар, иако комбинира елементи на левичарски популизам, национализам, социјалдемократија, конзервативизам и умерен евроскептицизам.

Таа партија победи на априлските избори со убедлива разлика, освојувајќи 43 проценти од гласовите, а Радев стана премиер.

Според анкетата спроведена од агенцијата „Маркет линкс“ од 13 до 19 октомври, Јотова има поддршка од 47,3 проценти од гласачите, а Ѓуров од 30,6 проценти. Аналитичарите проценуваат дека шансите на Ѓуров ќе се зголемат во вториот круг.

Изборната кампања се фокусираше главно на војната на Русија против Украина и проширувањето на тој конфликт во регионот на Црното Море, вклучувајќи ги и смртоносните напади со беспилотни летала врз трговски бродови.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Америка стравува од ирански атентати: Разузнавачите го предупредија Рубио

Кандидатите, исто така, се мачеа да се справат со загриженоста на јавноста во врска со зголемувањето на цените на енергијата и високата инфлација, во време кога многу Бугари во руралните средини се борат да врзат крај со крај, според АП.

Бугарија се приклучи на НАТО во 2004 година, а на Европската унија (ЕУ) во 2007 година.

Иако постои широк консензус меѓу парламентарните партии за прозападниот курс на земјата, широко распространетите проруски чувства, засновани на традиционалните историски и културни врски со Русија, доведоа до поделби во општеството, особено по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Радев често нагласуваше дека ќе ја задржи Бугарија на европскиот пат, но во исто време се залагаше за подобрување на односите со Русија и за укинување на санкциите што ЕУ ги воведе врз Москва.

Аналитичарите очекуваат дека Јотова, доколку победи, ќе ја продолжи политиката предводена од Радев.

Добромир Живков, извршен директор на агенцијата „Маркет линкс“, изјави за Асошиејтед прес дека Јотова припаѓа на политичка струја која се залага за понеутрална позиција за Бугарија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ким Џонг Ун им порача на војниците: „Подгответе се да бидете најсилни во светот“

„Тие се залагаат за прекин на помошта за Украина и за прекин на испораките на оружје за таа земја. Често можеме да чуеме дека ја користат реториката и терминологијата на Кремљ земени директно од пропагандата на Кремљ“, рече Живков.

На митингот оваа недела, Јотова изјави дека нејзиниот став кон војната во Украина е една од клучните точки по кои се разликува од другите кандидати. Таа изјави дека се залага за мир што би се постигнал преку преговори, а не со сила.

„Дали сакаме Црното Море да стане затворена воена зона? Во никој случај нема да се согласиме со таква одлука. Нема да го прифатам тоа поттикнување на војна“, рече Јотова на митингот.

Серијата напади со беспилотни летала врз најмалку седум товарни бродови во Црното Море, извршени овој месец во близина на бреговите на Бугарија и Романија, две членки на НАТО, предизвика загриженост дека Русија би можела да го ескалира конфликтот, според АП.

Нападите, извршени во ексклузивните економски зони на Бугарија и Романија, ја загрозуваат глобалната морска рута и доведоа до смрт на три лица, додека најмалку 28 се водат како исчезнати.

Нападите, исто така, го зголемуваат ризикот од директно вклучување на други земји во руско-украинската војна, објавува Бета.