Децата од кумановските училишта преку уметнички творби, музика и дружење им го разубавија денот на корисниците на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, а дел од нивните дела ќе бидат изложени и понудени на наддавање за хуманитарни цели.
Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово беше домаќин на настанот „Спој на генерации“, чија цел е да ги поврзе најмладите и најстарите преку уметност, култура и заеднички активности.
Во реализацијата се вклучија невладината организација „Бујрум“, ученици од основните училишта „11 Октомври“ и „Крсте Мисирков“, Библиотеката „Тане Георгиевски“, КУД „Панче Пешев“ и Црвениот крст – Куманово.
Директорот на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, Александар Крстевски, истакна дека настанот е дел од активностите што институцијата ги реализира во соработка со образовните установи и граѓанските организации.
„Ова е увертира во Деновите на старите лица, кои почнуваат во ноември. Ова е првиот настан, а до крајот на ноември ќе имаме уште активности“, посочи Крстевски.

Тој најави дека цртежите и уметничките дела создадени од учениците ќе бидат претставени на изложба во Центарот за култура, по што ќе бидат понудени на наддавање. Средствата собрани од продажбата ќе бидат донирани на Црвениот крст – Куманово.
Крстевски додаде дека Домот веќе има потпишано меморандуми за соработка со училиштата, во чии рамки се реализираат вакви активности, а во настанот учествувала и претседателката на Здружението на писатели од Куманово, Елизабета Павловска, чии творби послужиле како поттик за нови креативни активности на младите.

Посебен дел од програмата беше посветен на ликовното творештво. Под менторство на Симона Јакимовска, учениците од двете основни училишта создадоа вкупно 15 уметнички дела, инспирирани од животните приказни, љубовта и искуствата на повозрасните.
Координаторот на настанот, Александар Стефановски, објасни дека преку симболиката и ликовниот израз учениците ја преточиле својата инспирација во дела посветени на старите лица.
„Нашите стари лица се вечна инспирација. Преку симболиката на ликовниот израз дојдовме до 15 уметнички творби“, истакна Стефановски.

За учениците, секое дело носеше лична порака. Тамара Стојановска од ООУ „11 Октомври“ откри дека нејзината инспирација била мајчинската љубов кон едно куче.
„Иако на мојата слика нема многу бои, во неа има многу љубов“, рече Стојановска.

Нејзиниот врсник Андреј Гелевски од ООУ „Крсте Мисирков“, пак, објасни дека шарените бои го инспирирале да ја претстави вечната љубов кон постарите лица.
Во настанот се вклучи и КУД „Панче Пешев“, чии млади членови со своите настапи придонесоа за побогата програма и пријатна атмосфера во домот.

„Огромна чест и задоволство ни е што директорот нè покани да учествуваме на ваква манифестација, нашите деца да играат во Домот за стари лица и да им го разубават денот на корисниците“, изјави претседателот на КУД „Панче Пешев“, Зоран Илиевски.
Преку уметноста, музиката и заедничкото дружење, „Спој на генерации“ испрати порака за почит, љубов и солидарност меѓу генерациите, а најавената хуманитарна изложба ќе им даде и дополнителна вредност на детските творби – можност нивната креативност да помогне на оние на кои им е потребна поддршка.
























Никола Ивановски

