Два поголеми шумски пожари во липковско се уште се активни утринава, додека во текот на изминатото деноноќие кумановските пожарникари гаснеле на десетина локации.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, се уште гори на патот кон манастирот во Матејче. На местото на настанот биле ангажирани три екипи од Шумско стопанство – Куманово.
Според информацијата добиена од вработен во Шумско стопанство, поради непристапноста на одредени делови од теренот, екипите не биле во можност целосно да го локализираат пожарот и се повлекле од местото на настанот.
Согласно добиената информација, за ефикасно гаснење на пожарот е потребно ангажирање на воздухоплов.
Голем пожар од вчера гори и во селото Стрима кој пристигнал и до првите куќи во селото. Го изгаснале самите мештани, но во повисоките делови од планината на местото викано „Гури Куќ“, („Црвен Камен“) пожарот сè уште е активен.
Како што потенцираат од РЦУК, и во овој дел теренот е непристапен за интервенција од страна на екипите на терен, поради што евентуалното гаснење би можело да се изврши со воздухоплов.
Во текот на вчерашниот ден кумановските пожарникари интервенирале кај локалитетот „Туш“, на влезот во населбата Перо Чичо, каде што горела сува трева. Тројца пожарникари гаснеле од 15:40 до 16:10 часот.
Сува трева горела и во индустриската зона, кај објектот на ЛИДЛ. Тројца пожарникари гаснеле од 15:35 до 16:25 часот.
Во липковско Матејче горела сува трева, како и во селото Ваксинце и локалитетот Поток Серава. Сува трева горела и кај локалитеот Пчински пат, како и во селото Љубодрат.
Во близина на фотоволтаиците над Поток Серава, покрај автопатот „Пријателство“ било опожарено стрниште.
И пожарникарите во Старо Нагоричане вчера имале полни раце работа. Поголем пожар вчера зафатил сува трева,с ено и стара распадната плевна во селото Враготурце.
На терен интервенирале и припадници на полицијата, но и мештани на селото. Огнот бил гаснат од 19:08 до 23:30 часот.
Никола Ивановски

