Арсоски: ЗНАМ продолжува да работи за Македонија

Сподели со своите пријатели

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска го презентира отчетот за првите две години од својот парламентарен мандат, со порака дека политичката доверба треба да се оправдува преку конкретна работа и резултати.

Пратеникот од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Павле Арсовски, посочи дека мандатот го гледаат како обврска кон граѓаните, а не како привилегија.

– По две години парламентарен мандат излегуваме пред граѓаните со јасна порака: мандатот не е привилегија, туку обврска, а довербата не се оправдува со зборови, туку со работа и резултати, истакна Арсовски.

Тој нагласи дека ЗНАМ во Собранието не влегол само за да биде присутен, туку активно да учествува во креирањето на политиките и одлуките што ја определуваат иднината на државата.

– Во Собранието ЗНАМ не влезе за да биде статист, туку за активно да учествува во креирањето на политиките и одлуките што ја определуваат иднината на државата. ЗНАМ не е само коректор на власта. ЗНАМ е креатор на политики, рече Арсовски.

Според него, една од целите на партијата од почетокот на мандатот е програмата за која граѓаните гласале да стане дел од владините политики и да се претвори во конкретни институционални решенија.

– Нашата цел од самиот почеток беше програмата за која граѓаните гласаа да стане дел од владините политики и да се претвори во конкретни институционални решенија. Тоа е нашиот принцип на политичко дејствување: иницијатива, аргументи, институционална работа и резултати, додаде тој.

Арсовски посочи дека ЗНАМ не се определува ниту за, како што рече, слепо следење, ниту за деструкција, туку за одговорност и резултати во интерес на државата.

Во однос на изборниот систем, тој истакна дека ЗНАМ се залага за фер политичка конкуренција, еднакви услови за сите политички субјекти и демократски изборен систем, вклучително и една изборна единица со изборен праг од два до три проценти.

– За нас тоа не е партиски интерес. Тоа е прашање на демократскиот капацитет на Македонија, нагласи Арсовски.

Тој ја опиша политиката на ЗНАМ преку три пораки: „Повеќе работа – помалку политичка бучава. Повеќе одговорност – помалку изговори. Повеќе резултати – помалку политички театар.“

Во завршницата од своето обраќање, Арсовски порача дека изборната доверба се добива на избори, но нејзиното оправдување се мери преку делата.