Саниран дефектот, водоснабдувањето во Куманово наскоро ќе се нормализира

Сподели со своите пријатели

Дефектот на четвртата грана во тунелот под магистралниот пат е успешно саниран, информираат од ЈП „Водовод“ – Куманово.

Во моментов е во тек полнење на четвртата грана, по што водоснабдувањето на Општина Куманово ќе продолжи преку бајпас-системот.

Претходно, поради дефектот, беше исклучен доводниот вод „бај-пас“, а не можеше да се користи ниту стариот доводен вод, познат како Индустриски вод, поради дефект во близина на семејна куќа во селото Слупчане.

Поради прекините на овие доводни водови, значително беше намалена количината на сирова вода што пристигнува до филтер-станицата во Куманово.

Од „Водовод“ претходно најавија дека ќе ги активираат сите сопствени ресурси за да се обезбеди континуирано снабдување со вода за пиење.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Можни прекини и намален притисок на вода во Куманово поради дефект

Сепак, во периодот до целосното нормализирање на системот, граѓаните можеа да почувствуваат намален притисок во водоводната мрежа, како и краткотрајни прекини во снабдувањето, особено во повисоките делови на градот.

Од претпријатието им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и трпението.

Никола Ивановски