Куманово ги доби петте возила за комунална хигиена (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово доби пет специјализирани комунални возила наменети за подобрување на јавната хигиена и одржувањето на јавните површини.

Возилата се донација од Владата, преку Министерството за транспорт и врски, во соработка со Светска банка, а денеска во Куманово беа примопредадени на градоначалникот Максим Димитриевски од страна на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

 

 

Станува збор за две мултифункционални возила за собирање и подигнување на смет, едно возило-прскалка и две возила за метење на улици.

Според Николоски, по Скопје, Куманово добива најголем број возила од набавката.

– Министерството за транспорт во соработка со Светска банка направи една поголема набавка на комунални возила, односно најголема којашто општините ја виделе како директна донација во изминатиот период. Дел од таа набавка и дел од таа донација доаѓа во Општина Куманово. Не затоа што сум тука, но после Скопје најмногу возила добива токму Општина Куманово и мислам дека е така правилно, затоа што се работи за најголемата општина на територија на државата, изјави Николоски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Милош Јовановиќ го обнови договорот со КК Струмица

 

 

Тој посочи дека новата механизација треба значително да придонесе за подобрување на комуналната хигиена во градот.

 

 

Камионот-прскалка, освен за миење на улиците, ќе може да се користи и за транспорт на техничка вода во кризна состојба или при прекини во водоснабдувањето.

– Тука имаме две мултифункционални возила за одржување на хигиена со соодветен механизам којшто можевте и да го видите, којшто доста ќе помогне во подигнување на сметот. Понатаму имаме еден камион-прскалка којшто ќе овозможи да имаме почисти улици, да се перат улиците, но исто така има можност да носи и техничка вода во кризни ситуации или во ситуации кога има недостаток на вода или прекин со водоснабдување. И секако, тука се две возила за метење на улици коишто ќе помогнат покрај да имаме чисти улици, да имаме и чисти тротоари, чисти плоштади и чисти отворени површини, рече министерот.

 

 

Николоски најави дека поддршката за Куманово ќе продолжи и во следниот период.

Тој потсети дека преку двата повици за поддршка на општините се обезбедени околу 242 милиони денари во првиот и околу 328 милиони денари во вториот повик.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска неколку делови од Куманово и Липково

 

 

Дополнително, преку буџетот на Министерството за транспорт се инвестираат околу еден милион евра во проекти во Куманово, меѓу кои изградба на мост, реконструкција на градската капела и изградба на локални улици во рамки на проект со Светска банка.

Градоначалникот Максим Димитриевски изрази благодарност за донацијата, оценувајќи дека петте возила значително ќе ги зголемат капацитетите на јавното претпријатие.

– Се работи за пет возила коишто значително ќе го подигнат капацитетот на нашата јавно претпријатие коешто веќе со децении знаеме дека се соочува со сериозни финансиски проблеми, изјави Димитриевски.

 

 

Тој се осврна и на проблемите со редовното собирање на сметот во градот, особено во приградските населби, за што како причина ги посочи честите дефекти и техничките проблеми со постојната механизација.

– Во оваа прилика сакам да се извинам во мое лично име и во име на директорот на јавното претпријатие за нередовно сервисирање на сметот во градот на сите граѓани особено во приградските населби поради зачестените дефекти и технички проблеми со возилата коишто ги имаме на располагање и се надевам дека веќе до крајот на годината ќе го надминеме со заеднички сили овој проблем, рече градоначалникот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Температурите сè уште над 30 степени

Димитриевски посочи дека Општина Куманово во изминатиот период аплицирала на повеќе повици од Владата и Министерството за транспорт и врски, при што, како што рече, барањата биле позитивно одговорени.

 

 

Меѓу проектите што се реализираат ги наведе реконструкцијата на градската капела, изградбата на мост на Крива Река кај селото Довезенце, како и други инфраструктурни проекти поврзани со изградба и реконструкција на улици.

Димитриевски ја оцени како добра соработката со централната власт и изрази очекување таа да продолжи, особено во делот на унапредувањето на јавниот превоз.

– Онаа што за нас е битно е дека Куманово после подолг временски период има одлична соработка со централните власти и тоа е евидентно со добивање на вакви донации, истакна Димитриевски.

Никола Ивановски