Шест деца затруени за еден месец во Куманово, лекарите со совети за родителите (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Шест деца со труење биле згрижени на Одделот за детски болести при Општата болница во Куманово само во текот на август, а од почетокот на годинава бројот на пријавени случаи достигнал 16.

Најчесто станува збор за деца на возраст до четири години, кои поради љубопитност доаѓаат во контакт со лекови, средства за чистење, бензин, пестициди и други потенцијално токсични материи.

Последниот случај е регистриран завчера, кога во болницата било донесено дете кое се затруло со Доместос.

– Бројка за оваа година е 16 досега дечиња на пријавени труења на детско одделение, последниов случај беше со Доместос, што е шестто дете за август“, вели Маргица Арсовска, началник на Одделот за детски болести при Општа болница Куманово.

 

 

Според Арсовска, најчести се труењата со лекови, меѓу кои антибиотици, седативи, но и лекови за срце и дијабетес. Следуваат средствата што се користат во домаќинството, како различни средства за чистење, а има и случаи со пестициди и растенија.

– Најчесто кај нас труења се труења од лекови, дали антибиотик, седативи и лекови за срце или за дијабет, потоа имаме средства во домаќинството, значи коишто се користат, сјај, Доместоси, значи разни средства за чистење во домаќинството, потоа пестициди, но и растенија јадат. Имаме дечиња што, нели, пробуваат, истражуваат, ја истражуваат околината, не само да види, сака и да проба, вели таа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кривична за Канаѓанец, во Куманово без дозвола купил артефакт кој бил културно наследство

Најчесто се работи за деца помали од четири години, кај кои симптомите зависат од тоа на кој начин токсичната материја навлегла во организмот.

– Имаме дете да голтне, да испие, имаме симптоми да се намачка со тоа средство, има и симптоми да се вдиши од токсичното средство. Сега симптомите во зависност од на кој начин е внесено или кога имале контакт со тоа средство, имаме симптоми гадење, повраќање, понекогаш зависи од лекот, вртоглавица, поспаност, појаснува д-р Арсовска“

Докторката вели дека во Куманово досега не биле регистрирани најтешките форми на труење, но предупредува дека во одредени случаи последиците можат да бидат исклучително сериозни, со губење на свест, а некои можат да бидат и фатални.

Особено важно е родителите при сомнеж за труење да го понесат со себе производот со кој детето дошло во контакт, за лекарите да знаат за која супстанција станува збор, која количина можеби е внесена и колку време поминало.

– Битно е родителот да знае или ако се сомнева да го понесе шишенцето, таблетката, значи да знаеме кои лекови се испиени, доза отприлика, ако знаат, значи колку останало во кутивчето од лековите, да знаеме нешто, да го знаеме името на лекот или на средството, на хемикалијата, тоа и отприлика количина и времето кога е испиена. Многу е битно, значи колку време има поминато од сомневање дека има испиено детенцето нешто, вели таа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово против Прилеп ја стартува новата сезона

Арсовска апелира родителите да не преземаат ризични постапки дома, особено кога станува збор за хемикалии и детергенти.

– Да не се провоцираат да повраќаат ако станува збор за хемикалии и за детергенти. Во случај да испие некоја таблетка, да се даде карбомедициналис, ако имаат во домашна аптека медицински јаглен и да се донесе детето на лекар, советува докторката.

Најважно е детето да биде прегледано што е можно побрзо.

– Најдобро е во првите два часа да се донесе детето на лекар и да се направи тука што можеме – лабораторија, опсервација, следење на витални параметри и следење на симптоматологија, појаснува Арсовска.

Вообичаено, полесните случаи се третираат во кумановската болница, додека кај потешки труења и поголеми внесени количини е потребен транспорт во специјализирани установи.

Одредени детергенти можат да предизвикаат сериозни оштетувања на хранопроводот и желудникот.

– Со некои, на пример, детергенти знаеме да прават и ерозии дури до езофагусот и до желудник да биде зафатен. Таквите деца се транспортираат на ОРЛ клиника, се прави горна ендоскопија, потоа на детска клиника и се следат. Имаме структури и компликации, сме имале такви дечиња, во мое искуство две, што бараат посериозно болничко лекување и понекогаш тоа и оперативно се решава, зависи од дозата и колку е направена штета, изјави таа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска овие делови од Куманово

Како превенција, Арсовска советува лековите и сите хемикалии во домаќинството да се чуваат на места недостапни за децата.

– Мој совет до родителите е домашната аптека да нема многу лекови, да имаме ограничен број на лекови. Пожелно аптеката да има медицински јаглен, затоа што тоа е дел од терапија и дел што поголемиот број од отрови ги апсорбира и се намалува токсичното дејство, советува Арсовска.

Посебно внимание, додава таа, треба да се посвети на средствата за чистење, бензинот, разредувачите, пестицидите и останатите хемикалии.

– Сите овие средства во домаќинството, дали се за прскање, бензин, разредувачи, детергенти, да се чуваат вон дофат на деца, дали заклучени, дали на повисоко место. Да не се менуваат амбалажите. Ако е разредувач за боја да не се менува во друга флашичка да се става, па детето ќе помисли дека е сокче и ќе си го испие. Сме имале и такви случаи, додава.

Затоа, вели Арсовска, хемикалиите секогаш треба да останат во оригиналната амбалажа и да бидат јасно означени.

– Првично едукација на родителите, значи здравствена едукација. Секој лек е токсичен, секоја хемикалија е токсична. Сè што имаме околу нас е токсично во одредена доза и поголема количина, значи тоа треба да го знаат, предупредува Арсовска.

Никола Ивановски