Најмалку едно лице е убиено, а тројца се ранети во напад на руските сили врз Одеса, објави денес началникот на воената администрација на градот, Серхиј Лисак.
„Утрото во Одеса започна со непријателски напад. Во моментов е познато дека три лица се ранети. Им се пружа потребната помош“, рече Лисак во објава на Телеграм, пренесува Укринформ.
Подоцна беше објавено дека едно лице е убиено во нападот.
„За жал, по утринскиот непријателски напад, дознавме за смртта на едно лице. Сочувство до семејството и најблиските“, истакна Лисак.
Како што изјави, станбени згради и автомобили се оштетени во еден од градските квартови.
„Сите надлежни служби работат на лице место. Територијата се испитува и се евидентираат последиците. Оперативниот штаб е распореден за да им помогне на луѓето“, заклучи Лисак.

