Општина Куманово распиша конкурс за избор на сувенир на градот за 2026 година

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово објави конкурс за избор на „Сувенир на Општина Куманово за 2026 година“, со кој ги повикува заинтересираните физички и правни лица да предложат автентичен производ што ќе ги отсликува препознатливите карактеристики, традицијата и културно-историското наследство на градот.

Целта на конкурсот е да се поддржат креативните идеи и автентичните ракотворби, но и да се поттикне развојот на производ кој може да се користи за туристичка промоција и поголема препознатливост на Куманово.

Според условите, сувенирот треба да содржи елементи карактеристични за Куманово и да ја претставува традицијата, културно-историските, духовните, материјалните и природните богатства на градот. Истовремено, треба да биде погоден за масовно производство.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Нема затворено училиште во Куманово, бројот на првачиња скоро ист како лани (ВИДЕО)

Авторите можат да користат различни стабилни и еколошки прифатливи материјали, меѓу кои керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс и текстил. Заедно со сувенирот, потребно е да се достави и текстуално образложение на идејата, начинот на изработка, техничките услови и материјалот од кој е направен.

Крајниот рок за доставување на трудовите е 30 септември 2026 година до 15:00 часот.

Од Општина Куманово наведуваат дека наградата за избраниот сувенир изнесува 150.000 денари со вклучен ДДВ. Во објавениот конкурс, сепак, постои очигледна техничка грешка во распределбата на средствата, бидејќи понатаму се наведуваат износи од 30.000 и 120.000 денари, кои не соодветствуваат со наведената вкупна награда од 150.000 денари.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Коалицијата никогаш не функционирала подобро (ВИДЕО)

Трудовите треба да се достават во затворен плик или кутија на адреса Општина Куманово, 11 Октомври бб, со назнака „Конкурс за избор на сувенир на Општина Куманово“ и „НЕ ОТВАРАЈ“. Во посебен плик со назнака „АВТОР“ треба да се достават податоците за авторот, односно име и презиме, адреса, телефон, е-пошта и потпис со кој се потврдува авторството.

За изборот е формирана комисија која ќе ги оценува трудовите според утврдените критериуми, а резултатите треба да бидат објавени најдоцна во рок од 15 дена од завршувањето на постапката.

Некомплетните или ненавремено доставените трудови нема да бидат разгледувани. Комисијата го задржува и правото да не ја додели наградата доколку оцени дека ниту еден од пристигнатите предлози не ги исполнува условите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен 56-годишен кумановец, откако го нападнал својот син

За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на телефон 076/238-944, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, или преку е-поштите објавени во конкурсот.

Никола Ивановски